Словенечката влада ја потврди оодлуката за испраќање на двајца офицери на Гренланд. Нивното заминување на островото кој е полуавтономна територија на Данска е можно веќе наредната недела.
Офицерите, под водство на Данска, ќе учествуваат во „планирање и спроведување на меѓународната воена вежба „Арктичка опторност“. Вежбата се смета за европска мерка за одвраќање од намерата на американскиот претседател Доналд Трамп кој најави дека САД ќе го присвојат Гренланд „со убаво или на сила“.
Свои војници на Гренланд досега испратија повеќе држави – Франција (15 војници), Германија (13 војници), Шведска (тројца офицери), Норвешка (двајца војници), Финска (двајца офицери), Холандија (еден помошник офицер) и Велика Британија (еден офицер). Се очекува придружување на воен персонал и од балтичките земји, додека засега нема учество на претставници од Италија и од дел од источноевропските држави во мисијата.
Сорен Андерсен, генерал мајор на здружената данска арктичка команда, изјави дека на вежбата се повикани и САД.
„САД како членка, секако, се повикани да учествуваат во операцијата“, изјави Андерсен кој рече дека вежбата е првенствено поврзана со случувањата во Украина.
Во образложението на одлуката на владата на Словенија се наведува дека „Гренланд, како дел од Арктикот, е препознат во стратешкиот концепт на НАТО како подрачје каде Русија може да ги попречува сојузничките сили и слободното пловење. Суштината на вежбата е засилување на регионалната сигурност и одвраќање, како и демонстрација на сојузничкото единство и солидарност, исто така во контекст на засилен одбранбен и одвраќачки став на НАТО“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во повеќе наврати повтори дека САД ќе го преземат Гренланд, не исклучувајќи притоа употреба на сила“.
