Странчинарските игри во Мокриево се жив потсетник на вековната народна традиција што и денес пулсира со истата сила како во минатото.
Овој древен обичај, кој пред околу дваесет години доби нова форма и прерасна во карневал, претставува гордост на селото и на целиот регион.

Организацијата е во рацете на самите мештани, обединети околу љубовта кон традицијата, а на нивно чело стои Живко Спасов – чувар на обичаите и главен готвач на неизбежниот традиционален ручек: качамак подготвен по стар рецепт, сервиран со домашни колбаси.
Карневалската атмосфера секоја година ја збогатуваат автентични маски од различни краеви на државата, како и гости од соседна Бугарија, што му дава меѓународен дух на настанот.
Странчинарските игри започнуваат со појавувањето на традиционалниот стар странчинар – мистична фигура обвиена со ѕвонци, симбол на прочистување и плодност.
Токму од тие ѕвонци, според обичајот, се пие греана ракија, како благослов за здравје, бериќет и среќа во годината што доаѓа.
Мокриево за време на странчинарските игри живее втор живот- вистински празник и центар на подбеласичкиот регион.
Ова населено место кое поелка ги губи жителите, за Василица е неверојатно раздвижено – мегдан на живата традиција, каде минатото и сегашноста се спојуваат во еден гласен, шарен и незаборавен карневал.
Сузана Мицева
Б.С.
