Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека меѓународната ситуација се влошува и оти светот станува сè поопасен. Путин сè уште јавно не се изјаснил за американската интервенција во Венецуела и за соборувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, за протестите во Иран или за заканите на американскиот претседател Доналд Трамп кон Гренланд.
„Ситуацијата на меѓународната сцена се влошува сè повеќе, мислам дека никој тоа не би го оспорил, долгогодишните конфликти се интензивираат, а се појавуваат нови сериозни жаришта“, рече Путин.
Во говорот пред новите амбасадори кои му предадоа акредитиви во Кремљ, што беше неговиот прв јавен говор за надворешнополитички прашања оваа година, Путин не ги спомна експлицитно Соединетите Американски Држави или Трамп.
„Слушаме монолог од оние кои, според правото на посилниот, сметаат дека е дозволено да ја диктираат својата волја, да им држат предавања на другите и да издаваат наредби. Русија е искрено посветена на идеалите на мултиполарен свет“, рече Путин.
Путин повика на дискусија за руските предлози за нова безбедносна архитектура во Европа.
