Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Русија е европска земја и изрази надеж дека Европската Унија ќе успее да постигне рамнотежа во односите со Москва. Говорејќи пред бизнисмени во Хале, Мерц порача дека стабилноста во односите со најголемиот европски сосед е клучна за иднината на Европа и Германија.
„Ако успееме да ги вратиме мирот и слободата во Европа, ако конечно пронајдеме рамнотежа во односите со нашиот најголем европски сосед, зборувам за Русија, ако завладее мир и ако се осигура слободата, ако успееме во сето тоа, тогаш Европската Унија, а со тоа и ние во Германија, ќе го положиме следниот испит и по 2026 година ќе можеме со доверба да гледаме кон иднината“, рече Мерц.
Тој нагласи дека неговата изјава не е поврзана со фактот дека се наоѓа во источниот дел на Германија.
„Ова го зборувам каде и да се наоѓам во Германија“, рече Мерц, додавајќи дека „Русија е европска земја“.
