Вести Свет

Бела куќа: Испраќањето на европски трупи на Гренланд нема да влијае врз ставот на Трамп

Белата куќа соопшти дека состанокот меѓу американските официјални претставници и високите претставници на Данска и Гренланд бил „продуктивен“ и нагласи дека испраќањето европски трупи на Гренланд нема да влијае на ставот на претседателот на САД, Доналд Трамп, за таа територија.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит на прес-конференција изјави дека вчерашните разговори на министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд, Ларс Локе Расмусен и Вивијан Моцфелд, со потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, и државниот секретар Марко Рубио биле „продуктивни“, пренесува „Скај Њуз“.

Таа додаде дека страните се договориле да основаат работна група која ќе продолжи да води технички разговори за „аквизицијата на Гренланд“, наведува британската телевизија. Според Ливит, „тие разговори ќе се одржуваат на секои две до три недели“.

„Но, претседателот сосема јасно го стави до знаење својот приоритет. Тој сака САД да го добијат Гренланд и смета дека тоа е најдобро за националната безбедност“, наведе Ливит.

Таа додаде дека испраќањето трупи од европските земји на Гренланд нема да влијае на одлуката на Трамп за преземање на таа територија.

Данските и гренландските власти ги предупредија САД да не го заземаат островот, напомнувајќи дека очекуваат почитување на нивниот територијален интегритет. Островот беше данска колонија до 1953 година и остана дел од кралството, но во 2009 година доби автономија, што му овозможи самостојно да управува и да ја одредува сопствената внатрешна политика.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон претнеиците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе