Швајцарскиот суд нареди привремен притвор на ко-сопственикот на барот во кој загинаа 40 лица, а повеќе од сто беа повредени во пожар во Кран-Монтана, образложувајќи ја одлуката со ризик од бегство. Судот за принудни мерки во Вале преку соопштение објави дека, по барање од државното обвинителство, е нареден притвор на Жак Морети, ко-сопственик на барот Ле Констеласион за период од три месеци.
Судот, сепак, изрази подготвеност за укинување на привремениот притвор на Морети, доколку бидат исполнети алтернативните мерки што ги побара обвинителството, вклучително и плаќањето на финансиски гаранции. Според судот, тие мерки би можеле соодветно да го решат ризикот од бегство.
Судот нагласи дека притворот е процедурална мерка, наменета исклучиво за обезбедување на правилно спроведување на истрагата и не претставува казна. Тој нагласи дека осомничениот се смета за невин до конечната пресуда, доколку таа биде донесена.
Покрената е кривична истрага против двајцата сопственици на барот, Жак Морети и неговата сопруга Џесика Морети, за смртоносниот пожар.
Осомничените се обвинети за „убиство од небрежност, телесни повреди од небрежност и палење од небрежност“ откако се дозна дека во барот во ски-центарот немало годишна инспекција во последните пет години.
