Вести Македонија

ФЗО и ПМФ склучија договор за унапредување на молекуларната онколошка дијагностика

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Природно-математичкиот факултет (ПМФ) склучија договор со кој лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ ќе почне со изведување напредни молекуларно-дијагностички анализи, пред сè преку примена на генски панели за таргетирано, масивно паралелно секвенционирање од новата генерација (NGS) кај разни онколошки состојби. Со ова, најсовремените молекуларно-дијагностички процедури, вклучувајќи ги и генетските анализи за онколошките заболувања, стануваат достапни за осигурениците на товар на Фондот.

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски истакна дека договорот има две клучни цели: зголемување на капацитетите за онколошките анализи со цел намалување на времето на чекање за пациентите и овозможување апликативна дејност за идните генетичари, кои се образоваат на ПМФ.

„Оваа лабораторијата за молекуларна биологија и геномика е една од најсовремените не само во Македонија туку и во регионот. Со овој договор сакавме да постигнеме две цели. Првата цел еда го подобриме капацитетот за онколошките анализи. Значи, примарната цел на договорот е тука да се прават генетските анализи за онколошките болни. Втората цел што сакаме да ја постигнеме е оваа установа да добие можност и за апликативна работа. Тука се образоваат идните генетичари за сите лаборатории во Македонија и сметавме дека добро е уште во фазата на студирање да се има можност и практично да се види како се одвиваат овие активности“, рече Клековски.

Кога станува збор за услугите, појасни, тоа ќе бидат од делот на NGS, односно ново генетско секвенционирање. Посочи дека во основа таму пакетите за услуги се во зависност од тоа колку гени се анализираат: 5, 10, 15, 20, над 50 или целиот геном.

Деканот на ПМФ, Даворин Трпески, рече дека Факултетот првпат во својата историја, во своето 80-годишно постоење, покрај вршењето научна и образовна дејност, ќе помогне во здравствената дејност во државата.

„За тоа да се случи, морам да кажам дека три точки се многу битни во целата работа. Првата е одличната соработка што ја имавме во изминатиот период со Министерството за здравство, каде што ги препознаа нашите капацитети и изготвија решение за да се вклучиме во здравствениот систем на Македонија, каде лабораторијата за молекуларна биологија и генетика всушност ја доби таа акредитација. Втората работа е тимот кој работеше и вработените на ПМФ кои интензивно работеа во изминатиот период за да можат да создадат услови за сето тоа да биде подготвено како што треба“, истакна Трпески.

Раководителот на лабораторијата за молекуларна биологија и геномика, проф. д-р Сашо Панов појасни дека овие анализи се круцијални за примената на прецизната медицина и таргетираната терапија кај ракот.

„Без детални генетски анализи, примената на скапа биолошка терапија може да биде не само финансиски товар, туку и неефикасна за пациентот доколку тој ја нема соодветната мутација. Со оваа опрема и нашиот кадар, овозможуваме прецизна дијагностика и интерпретација“, додаде Панов.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обвинителството побара подготвителна постапка и мерки за четворица малолетници за случајот на врсничко насилство во Аеродром

Sasko Dimovski

ЕУ ѝ одобри пристап на Унгарија до блокираните 10 милијарди евра – 6,5 милијарди евра грантови и 3,5 милијарди евра заеми

Sasko Dimovski

Поранешна британска министерка пронајдена мртва – полицијата го истражува случајот како убиство

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе