Вести Македонија Најважни

Крмзов седнува на обвинителна клупа, се товари за финансиски криминал тежок десетици милиони евра

Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов седнува на обвинителна клупа. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска информира дека обвинението против 10 луѓе и 13 фирми, кои се товарат за финансиски криминал тежок десетици милиони евра, е одобрено од Кривичниот суд во Скопје. Обвинителството бара и конфискација на замрзнатиот имот.

Крмзов и неговите внуци од брат и сестра Васе Панајотов и Зуле Кармзова Василева се обвинети како организатори на злосторничкото здружување, кое преку формирање различни фирми меѓусебно си издавале фактури со невистинита содржина за да може да си наплатат поврат на ДДВ од државата или да го намалат данокот што треба да го платат. Освен нив, обвинети се уште четворица нивни бизнис соработници. Се товарат за даночна измама и за перење пари. Обвинети се и нивните фирми, меѓу кои најголемата е градежната Крмзов – МР, која гради многу згради во Струмица.

Тројца сметководители се обвинети за несовесно работење во службата, зашто, по барање на обвинетите, ги евидентирале фиктивните фактури за наводни продажби на недвижности и ги прикажувале во даночните пријави до Управата за јавни приходи, за неосновано да бараат поврат на ДДВ или намалување на данокот.

На овој начин, според Обвинителството, прикажале повисок влезен ДДВ за 67 милиони евра, а од УЈП добиле поврат на ДДВ од 22 милиони евра, а со 7,5 милиони евра биле покриени даноци на фирмите.

  • „Средствата, за кои обвинетите знаеле дека потекнуваат од кривично дело, биле внесени во платниот промет и префрлани меѓу правни лица со цел прикривање на нивното потекло. Дел од средствата биле употребени за купопродажба на имот, враќање кредити кон банки, подигање готовина, како и за плаќање добавувачи на градежни материјали за изградба на станбени комплекси“, соопшти Обвинителството.

Во истражувањата на оваа тема, Код веќе објави дека еден ист деловен простор бил продаван од една на друга фирма, па од втората на третата и така во круг… Деловен простор во Струмица бил продаван за 10 до 18 илјади евра за квадратен метар, што ги подгрева сомнежите за перење пари. Истражувањето покажа дека фирми кои биле во сопственост на семејството Крмзови биле продавани на непостоечки косовски државјани, кои по продажбата почнувале да книжат загуби. Во изминатите повеќе од една година Крмзов негира дека имало нешто незаконско и оти истрагата против него е со цел да му го преземат бизнисот.

  • „Целата таа акција е почната уште за време на СДСМ. Сè е на локално ниво. Одредени локални моќници кои мислат дека државата е нивна и може да прават што сакаат, оркестрираат инфилтрирани податоци, лажни податоци до министри, до премиери, до службите за јас да бидам криминалец“ – изјави Ристо Крмзов, бизнисмен (27.10.2024)
  • Кои се тие локални моќници?
  • „Од претходната и од сегашната власт.“
  • Нема да посочите имиња?
  • „Не“, изјави Крмзов за Код на Телма на 27 октомври 2024.

Во јуни годинава, МВР поднесе кривична пријава против 23 луѓе и 15 фирми. Кривичната пријава против петмина е отфрлена од обвинителството, а истрагата против осуммина инспектори од струмичкото УЈП, кои дозволувале ваквите злоупотреби да поминат, е префрлена во струмичкото обвинителство.

Срѓан Стојанчов

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прирачниците против врсничко насилство на „Макпетрол“ достапни на вебсајтот на „Крени глас“

Дејан Дејан

Франција активира план за вонредни ситуации поради ектремните температури

Sasko Dimovski

Забрана да контактираат меѓу себе и со жртвата – Обвинителството бара мерки за малолетниците кои извршија грубо насилство врз девојче и го снимаа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе