Вести Македонија Најважни

Уставен одлучи за пензиите – останува линеарното покачување

Без мнозинство (4:4) на сила останува линеарното покачување на пензиите. Владината одлука засега продолжува да важи, наспроти иницијативата до Уставниот суд за укинување на линеарниот модел. Сепак, ова не е крајна победа на владиниот модел за пензионерите, бидејќи Уставниот суд кога ќе се доекипира, одново ќе одлучува за предметот.

„Во однос на пензиите, Уставниот суд не донесе одлука. Не донесе одлука, бидејќи таму, како што знаете, судот поведе постапка, изрази сомнеж во уставноста на одредбите од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Меѓутоа, на денешната седница гласовите се поделија и резултатот е 4:4 што значи нема одлука. Таа одлука ќе го чека доаѓањето на нови судии. Знаете дека Уставниот суд работи со еден судија помалку“, изјави Дарко Костадиновски, претседател на Уставен суд на Македонија.

За истата иницијатива, пред неколку недели истиот состав на судии обезбедија мнозинство и одлучија да постапат по иницијативата. Извесно е дека еден од судиите кој претходно гласал „за“ денеска го променил мислењето – пракса која и во минатото се случувала, појасни уставниот судија Осман Кадриу.

„Може да се случи во втора фаза кога иако ние по правило и досега така сме постапувале да се определиме за една од овие две можни одлуки – сепак да не се добие глас од еден или двајца колеги кои гласале за поведување постапка, а да не гласаат за конкретна одлука што ќе се предложи. И тоа може да се случи“, рече уставниот судија, Осман Кадриу. 

Важна одлука за судиите од седницата на Уставен е дека судот со денешната одлука нема да ги зголеми платите, туку ќе спречи нивно постојано намалување. Клучниот аргумент за уставните судии е дека законодавната власт направила упад во судската власт, намалувајќи ги коефициентите и со тоа намалувајќи на платите, вели Костадиновски. Уставниот суд ќе преиспитува дали Собранието смеело да ги намалува коефициентите.

„Имаше една одлука, уредба со законска сила, со која исто така беа тангирани платите на судиите. Ние и во такви околности одлучивме дека платите на судиите не можат да бидат намалени – токму повикувајќи се на меѓународни стандарди. Но, и оваа одлука не значи зголемување на платите туку оваа наша одлука значи спречување на натамошно намалување на платите на судиите“, додаде Костадиновски.

На денешната седница се одложи расправата за измените на Кривичниот законик, по допис од спикерот Гаши дека веќе се во процедура измените на истиот.

Судот одлучи и дека покрај правосилните – и неправосилните судски одлуки ќе треба да се објавуваат, во насока на транспарентноста на правосудството.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тројца приведени од кои двајца доктори, претреси на пет локации во Скопје – се проширува истрагата за ботоксите

Sasko Dimovski

Обвинителството побара подготвителна постапка и мерки за четворица малолетници за случајот на врсничко насилство во Аеродром

Sasko Dimovski

ЕУ ѝ одобри пристап на Унгарија до блокираните 10 милијарди евра – 6,5 милијарди евра грантови и 3,5 милијарди евра заеми

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе