Зимзоленд ги изгасна светлата. Реквизитите во времениот забавен парк во Ново Лисиче вечерва не работат, но засега нема официјални информации за негово затворање.
По информациите за контроли на инспектори од УЈП, од управата за Телма потврдија дека нивни тимови во неколку наврати вршеле теренски контроли, при што биле утврдени неправилности како неиздавање фискални сметки и неуредно водење на книга за дневно-финансиски извештаи.
УЈП соопшти и дека на едно правно лице му била изречена и втора глоба за неиздавање фискални сметки, по што согласно законот следи запечатување.На инстаграм профилот на Зимзоленд нема нови известувања околу неговата работа, последната информација е објавена вчера.
Таму сѐ уште стои агендата со планираните настапи до крајот на годината. Претходно Општина Аеродром му нареди на сопственикот на Зимзоленд да ги отстрани реквизитите.
Вакво решение донел општинскиот инспектор, кој дал рок од три дена за фирмата „Мега луна 25 – Битола“ самата да го дислоцира лунапаркот, кој работи безмалку еден месец, иако нема дозвола од Град Скопје. Во меѓувреме, Обвинителството отвори истрага откако се посомнева дека институциите не постапуваат по закон.
Сопственикот Панде Димов тврдеше дека ги има потребните документи и потенцираше дека на локацијата ќе остане до 4 јануари.
