Во снежната Лапонија, на работ од Арктичкиот круг, Дедо Мраз и неговите џуџиња ги прават последните подготовки за божиќната ноќ.
Во селото на Дедо Мраз, близу финскиот град Рованиеми, иако сонцето изгрева дури околу 11 часот, празничната атмосфера е веќе во полн ек.

Дедо Мраз вели дека децата во најголем дел биле добри оваа година и порачува дека најважно е сите да се трудат да бидат љубезни.
Џуџињата откриваат дека децата и годинава најчесто бараат Лего, книги и електроника, а голем хит се и таканаречените „Лабубу“ играчки.

Во поштенската канцеларија пристигнуваат над половина милион писма секој Божиќ, а во најфреквентните денови и до 30 илјади писма дневно, најмногу од Полска, Италија, Тајван и Јапонија.
Селото на Дедо Мраз секоја година го посетуваат повеќе од 700 илјади туристи од целиот свет, привлечени од снегот, светилките и магичната празнична атмосфера.

На крајот од подготовките, Дедо Мраз испрати порака за мир, потсетувајќи дека сите живееме во „еден заеднички дом“ и посака „мирен и среќен Божиќ“ за сите.

