Доналд Трамп предизвика нов спор со Данска откако назначи специјален пратеник за Гренланд, огромниот арктички остров за кој изјави дека сака да го анектира.
Трамп објави дека Џеф Ландри, републиканскиот гувернер на Луизијана, ќе стане специјален пратеник на САД за Гренланд, полуавтономен дел од Кралството Данска.
- „Чест ми е да ви служам на оваа волонтерска позиција за да го направите Гренланд дел од САД“, напиша Ландри во објава на X во која му се заблагодари на Трамп за назначувањето. Тој додаде: „Ова во никој случај не влијае на мојата позиција како гувернер на Луизијана!“
Данска, сојузник на САД во НАТО, и Гренланд изјавија дека островот не е на продажба и ги осудија извештаите од САД за собирање разузнавачки информации таму. На притисокот на САД за Гренланд се спротивставуваат и Русија и поголемиот дел од Европа.
Овој потег го налути Копенхаген, кој најави дека ќе го повика американскиот амбасадор за „објаснување“.
Амбасадата на Данска во Вашингтон не одговори веднаш на барањата за коментар за назначувањето на Ландри.
Премиерот на Гренланд рече дека островот мора „да одлучи за сопствената иднина“ и дека неговиот „територијален интегритет мора да се почитува“.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оценија дека безбедноста на Арктикот останува еден од клучните приоритети на Европската Унија и област во која тие се стремат да соработуваат со сојузниците и партнерите.
„Територијалниот интегритет и суверенитет претставуваат основни принципи на меѓународното право. Овие принципи се од суштинско значење не само за Европската Унија, туку и за државите ширум светот. Ние сме целосно солидарни со Данска и народот на Гренланд“, изјавија Кошта и фон дер Лајен на X.
Б.С.
