Вести Македонија Топ вести

Кривична пријава за поранешниот директор на Комунална поради загрозување на животната средина

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против две лица, кои се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“, казниво по член 230 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, истрагата утврдила дека во текот на октомври годинава обвинетите, со сериозни пропусти во надзорот и управувањето со комуналниот отпад, овозможиле состојба што можела да доведе до значително оштетување на почвата, воздухот и водата, како и до опасност по здравјето и животот на луѓето и уништување на растителниот и животинскиот свет.

Првиот обвинет, в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, Сабахудин Рустеми, постапувал спротивно на Статутот на претпријатието и Законот за комунални дејности. Тој не ги спроведувал одлуките и заклучоците на Управниот одбор, не се грижел за реализација на деловната политика, не ги извршувал работните обврски од својот делокруг и не преземал мерки за заштита на животната средина.

Како одговорно лице во јавно претпријатие – давател на комунални услуги, обвинетиот бил должен да обезбеди континуирано и квалитетно собирање и транспортирање на отпадот, како и одржување на објектите, опремата и уредите во функционална состојба, но тоа не било сторено, наведува обвинителството.

Вториот обвинет, управител за отпад – подгрупа 5, давател на услуги во областа на комуналните дејности и лице со положен стручен испит за управување со отпад издаден од Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со директорот, според обвинението, со умисла постапувал спротивно на Законот за животна средина и Законот за управување со отпад.

Наместо да ги преземат законски предвидените мерки и активности, обвинетите не ги спроведувале плановите и програмата за управување со комуналниот отпад на територијата на Град Скопје. Поради неизвршување на основната дејност – редовно собирање и транспортирање на безопасен отпад и непобарана измена на Оперативниот план и програмата – овозможиле создавање диви депонии на јавни и сообраќајни површини, каде отпадот бил одлаган во непосредна близина на садовите за собирање.

„Со пропустите во управувањето со отпадот, обвинетите создале состојба што сериозно ја загрозила животната средина и здравјето на граѓаните“, соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје.

Со оглед дека истражната постапка е завршена и дека обвинетите повеќе не можат да влијаат врз доказите, јавниот обвинител предложи мерката притвор да им биде заменета со мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за повремено јавување во суд и привремено одземање на патната исправа или забрана за нејзино издавање.

За обвинетиот управител со отпад, кој сè уште е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, обвинителството побара и дополнителна мерка – привремена забрана за вршење работни активности поврзани со кривичното дело, односно отстранување од работното место до завршување на постапката.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во Демирхисарската болница ќе биде спроведен на лекување таткото на Меланија која објави дека со нејзиното семејство се жртви на семејно насилство

Tea Dimkovska

МВР ја избриша објавата со слика генерирана од вештачка интелигенција за случајот со странецот кој се загуби на Матка

Tea Dimkovska

Нови откритија на локалитетот Кале во Крупиште – целосно е дефинирана уникатната базилика со глаголички натпис

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе