Штрајкот на грчките земјоделци продолжува и по две недели од почнувањето на блокадите во северниот дел на земјата. Викендов во одредените периоди повторно ќе бидат зтворени граничните премини Евзони – Богородица и Ники – Меџитлија, на македонско-грчката граница. Времето во кое не се пропуштаат возила останува исто, од 12.00-16.00 и од 18.00-22.00 часот по грчко време. На Богородица протестите се одвиваат без проблеми.
Досега не е забележано да се создаде гужва на преминот, штрајкот е најавен, а трае веќе и долго време, па нема ниту возила од соседните земји. Товарните камиони минуваат претежно ноќе кога е слободно, така што во текот на денот преминот е речиси празен, велат од преминот Богородица.
Вчера околу три часа се блокираше и пристаништето во Солун. Во знак на револт пред два дена блокади се поставија и на пристаништето Волос. На блокадите се повеќе се придружуваат млади луѓе, но и цели семејства. Земјоделците велат дека наместо да се намалува интензитетот, протестите може да ескалираат. Во меѓувреме се одржуваат состаноци помеѓу претставници на грчката влада и земјоделските здруженија.
Покај високите производствени трошоци и незадоволителните откупни цени, ситуацијата се вжешти со откривањето на злоупотреби на европските фондови за земјоделство. Откриени се случаи на нелегално давање субвенции при што обвинети се сметководители, адвокати, земјоделци. Се проценува дека висината на нелегално доделените субвенции е околу 1.700 000 евра.
Сузана Мицева
