Земјите членки на ЕУ постигнаа согласност за трајно замрзнување на руските средства во европските банки, се додека не заврши војната во Украина и Русија не ја компензира земјата за нанесената штета од речиси четиригодишната војна.
До сега, продолжувањето на блокадата на руските пари мораше да биде одобрувана од сите членки на секои шест месеци, ситуација над која постојано висеше опасноста од можно вето од Унгарија или Словачка.
Тоа беше една од причините зошто Белгија се спротивставуваше на искористувањето на овие средства за финансирање на Украина, стравувајќи дека таа ќе биде принудена сама да ги сноси правните и финансиски последици, во случај блокадата да биде повлечена и Русија си ги побара средствата назад.
Во нашиот предлог предвидуваме цврсти гаранции за Белгија и финансиските институции, но ние како Комисија сме отворени да продолжиме да работиме за дополнително да одговориме за белгиската загриженост, и таа работа сѐ уште продолжува, изјави еврокомесарот за економија Валдис Домбровски.
Ова одлука е значаен чекор кој ќе им овозможи на лидерите од ЕУ да донесат одлука на самитот кој ќе се одржи наредната недела за најдобриот начин на кој би можеле да се искористат десетици милијарди евра средства од руската централна банка за покривање на финансиските и воените потреби на Украина во наредните две години.
Обврска на ЕУ е да ги испорача финансиите на Украина, на еден или на друг начин. Значи, работата е да гарантираме дека ќе го исполниме тоа и мислам дека сите земји членки се свесни ако не успееме да го направиме тоа, последиците за Украина ќе бидат огромни, но исто така и за Европа, бидејќи веќе ги чувствуваме ефектите од војната, оцени стефани лозе, министерката за финансиски прашања на Данска.
Во меѓувреме руската Централна банка поднела тужба против Еуроклеар, финансиската институција во која се замрзнати најголемиот дел руски средства во Европа. Потегот не ја загрижува ЕК.
Очекувано е Русија да продолжи да отвора шпекулативни правни процеси за да ја спречи ЕУ во почитувањето на меѓународното право и да ја исполни правната обврска Русија да ја компензира Украина за нанесената штета, порача дамбровски.
Очекувано, унгарскиот премиер, Виктор Орбан, како најблизок сојузник на Путин, во Европа, се противи на оваа одлука и ја обвини Европската Комисија дека „систематски ги силува европските закони“.
Игор Трајков
