Не само извинување во празна сала туку менување на начинот на однесување и санкција за навредите. Ова го побараа од СДСМ денеска и оценија дека вчерашните случувања во Собранието се срам за власта и за премиерот. Опозициски пратеници на седницата за реконструкција на Владата реагираа дека на една од паузите биле навредувани од новоизбраниот министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ.
За инцидентот се дозна од прес-конференцијата на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Спасовски, кој соопшти дека кандидатот за министер за локална самоуправа упатил навреди кон двајца нивни пратеници, Битиќи и Трајчулески.
За какви навреди и пцости станува збор, сѐ уште не е познато за јавноста.
„Сега јас не би цитирал. Ќе ви доставиме во писмена форма сето тоа, ќе се извадат и стенограми и сѐ. Вистинското извинување подразбира признавање на грешката, менување на начинот на однесување и санкции за Иван Стоилковиќ, којшто истото го направи и во собраниската сала. Граѓаните заслужуваат почит, достоинство, заслужуваат премиер кој што обединува, а не човек кој што ги дели и ги навредува“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Оваа изјава на Филипче дојде како реакција на вчерашното извинување на претседателот на Владата, Мицкоски, непосредно пред гласањето на новите министри.
„Ќе ми дозволите како претседател на Владата, да се извинам на вас пратениците и на граѓаните, што денеска бевме сведоци на овие настани. И се надевам дека тоа нема никогаш повеќе да нѝ се повтори. Ви благодарам“, кажа премиерот Мицкоски, на вчерашната собраниска седница.
Реагираа и од Демократската унија за интеграција, за вербален напад од страна на Стоилковиќ кон пратеничката Арбана Пашоли. Од ДУИ сметаат дека тоа е огледало на политичкиот менталитет на Владата без етнички легитимитет.
Опозицијата уште вчера побара извинување и лично од Стоилковиќ, но наместо тоа, тој на полноќ преку објава на социјалните мрежи ги обвини СДСМ и ДУИ за „антисрпска хистерија“.
„За СДСМ спорно е учеството на Демократската партија на Србите во власта и за нив, по можност, исто како и за ДУИ, пожелно е Србите и да не постојат во Македонија, да ги нема никаде, како би можеле на раат да функционираат во државата која со нивните политики ја руинираа, политички, уставно, законски, институционално и на секој начин“, напиша Иван Стоилковиќ, новиот министер за локална самоуправа.
А, со своја реакција за навреди и недолично однесување, но од страна на премиерот, се јавија од опозициската Левица. Од партијата се на став дека јавноста имала можност да го види вистинското лице на Мицкоски.
„Мицкоски лично одржа говор исполнет со лаги, навреди, омаловажувања, лични дисквалификации кон пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, и повторно ги вмеша семејните прилики на Мециновиќ. Колку ли мора да е длабока нервозата кога самиот премиер доброволно одлучува да се деградира во примитивен партиски напаѓач“, се вели во соопштението на Левица.
Вчера во Собранието се одржа седницата на којашто се заокружи процесот на реконструкција на Владата, со разрешување на старите и избор на новите министри. Седницата имаше бројни паузи и координација, пред спикерот да ја продолжи истата, со отсуство на пратениците од СДСМ и ДУИ кои ја напуштија салата, а пред нив и пратениците на Алијанса за Албанците.
Петар Догов
