Неколку минути пред гласањето недоверба во бугарскиот парламент, владата на премиерот Росен Жељасков поднесе оставка поради големото незадоволство кај народот и масовните антивладини протести кои пред неколку недели започнаа во Бугарија.
Иако се оствари предвидувањето дека опозицијата нема доволно поддршка да и изгласа недоверба на владата, сепак Жељасков се повлече, порачувајќи дека владата не успеала јасно да ги претстави своите цели пред опозицијата и граѓаните.
Протестите во Бугарија начелно започнаа поради предлог буџетот за идната година, но потекнаа од веќе постоечкото незадоволство кај граѓаните поради последиците од влезот на земјата во еврозоната. Тоа беше причината зошто тие брзо прераснаа во анти владини, а нивната масовност беше најголемата изминативе години во Бугарија.
Проценките се дека на синоќешните протести ширум земјата учествувале повеќе од 100.000 граѓани. Тоа што можеби ја натера владата на овој потег беше приклучувањето во протестите на повеќе елементи од бугарското општество, од здравствените работници до студентите.
Незадоволство на граѓаните од политичарите е постојано, но редовноста со која паѓаат бугарските влади изминативе 10-на години кај граѓаните создаде чувство на трајна политичка криза.
Оставката на Жељасков навестува нова таква криза, затоа што повеќето од политичките партии сакаат предвремени избори, од една страна, но од друга, јавноста е уморна од гласање секоја година на избори кои на крајот никогаш не носат политичка разврска.
Игор Трајков
