Личност на годината на магазинот „Тајм“ за 2025-тата година не е еден човек.
Наместо тоа, магазинот ги наведува како најзначајна личност за 2025-та година, „архитектите на вештачката интелигенција“ (ВИ).
Станува збор за дел од најбогатите луѓе на планетата, мултимилијардери, како првиот човек на NVIDIA; Јенсен Хуанг, сопственикот на Тесла и X (поранешен Твитер) Елон ,Маск; основачот на Фејбук, Марк Цукерберг; извршната директорка на AMD, Лиса Су; првиот човек на OPENAI, Сем Алтман; извршниот директор на Google DeepMind, Демис Хасабис; извршниот директор на Антропик, Дарио Амодеи и Феи Феи Ли, позната како „кума“ на вештачката интелигенција.
Сите тие се дел од една од двете насловни фотографии кои оваа година ќе ги користи „Тајм“ магазинот.
Првата насловна фотографија е инспирирана од познатата фотографија од 1932-та година „Ручек на врвот од облакодерот“, на која градежни работници кои работеле на еден од облакодерите во Менхетен седат безгрижно на челична греда, 260 метри над земјата.
Работниците се заменети со осуммината луѓе, кои се сметаат за најзначајни за подемот на истражувањата во однос на вештачката интелигенција и бумот на компјутерските и технолошките гиганти.
Nvidia, токму заради истражувањата и вложувањата во вештачката интелигенција стана компанија со најголема вредност во светот – над четири трилиони долари.
Извршниот директор на OPENAI, тврди дека по објавувањето на ChatGPT кон крајот на 2022-та година, четботот го користат околу 800 милиони луѓе неделно.

Најголемите технолошки фирми инвестираат милијарди долари во ВИ и инфраструктурата зад неа, во обид да останат пред ривалите.
„Оваа година, дебатата за тоа како да се користи вештачката интелигенција на одговорен начин беше заменета со трка како таа да се користи што е можно побргу и повеќе од претходно. Но, возачите во оваа трка веќе не обрнуваат премногу внимание на ризиците во неа. Благодарение на Хуанг, Маск, Алтман и другите џинови на ВИ, човештвото сега „лета“ по автопатот, со максимален гас, без кочници, кон исклучително-автоматизирана и исклучително-несигурна иднина“ – пишува во натписот на магазинот „Time“,кој ќе биде објавен на 29-ти декември.
Главниот уредник на магазинот, Сем Џејкобс, вели дека ниту еден друг човек немал такво влијание во 2025-тата година како „индивидуите кои ја замислиле, дизајнирале и изградиле вештачката интелигенција“.
„Човештвото ќе го одреди патот напред на вештачката интелигенција и секој од нас може да одигра улога во одредувањето на структурата и иднината на ВИ“, – додава Џејкобс.
Н.И


