(ФОТО од македонска народна носија од демирхисарско: извор Општина Демир Хисар) Ден после празникот Свети Климент, во Демир Хисар се уапсени тројца Бугари од градот Пловдив кои во товарно комбе внесувале македонски носии. Ги откупувале подолг период и биле уапсени поради кривично дела “кражба” и “Неовластена трговија со добра под привремена заштита, културно наследство и природна реткост”.
-Осомничените, во текот на месецов, во околината на Демир Хисар, заедно договорени, во група, неовластено купувале предмети – делови од македонски народни носии кои претставуваат културно наследство според член 2 од Законот за заштита на културното наследство и чијшто промет е забранет или ограничен. Имале цел таквите предмети да ги изнесат во странство, односно во Република Бугарија, соопшти обвинителството.
Немале доказ за потеклото на деловите од носиите и предметите.
-Предметите се прегледани од етнолог од Музеј Битола и констатирано е дека се работи за делови од македонски народни носии кои претставуваат културно наследство и се со забрана за промет и за продажба без нивна дозвола, велат од полицијата.
Осомничените се на возраст од 44 до 50 години. Побаран е притвор. Обвинителството соопшти дека се осомничени за дело по член 266-в став 2 од Кривичниот законик,за кое е предвидена долгогодишна затворска казна.
-Ако сторителот на делото од ставот (1) на овој член е сторено со цел изнесување на предметите во странство или делото е сторено во состав на група, банда или друго здружение или сторителот организирал мрежа на препродавачи или посредници, ќе се казни со парична казна или со затвор од една до десет години, стои во Кривичниот законик.
Се истражува и дали групата и претходно изведувала вакви криминални операции поврзани со историски предмети, традиционална облека и артефакти од Македонија кон Бугарија додека двете држави имаат заедничка историска комисија која расправа за жешките историски теми.
