Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Владата оствари средба со генерал-мајор Грегори Најт, командант на Националната гарда на сојузната држава Вермонт, кој е во официјална посета на земјава.
На средбата присуствуваа и министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на АРМ, Сашко Лафчиски.
Разговорите биле фокусирани на продлабочување на институционалната соработка, особено во делот на обуката, размената на искуства и поддршката во изградбата на модерни и ефикасни одбранбени капацитети.
За време на посетата, генерал Најт ќе се сретне и со претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, а предвидени се и средби со раководството на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.
