Крсто Глигорјадис, Мила Добревска и Наташа Неделкова на церемонија во Чифте амам при Националната галерија на Македонија, беа прогласени за добитниците на наградата Денес за 2025 година. Таа се доделува за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)ца во Северна Македонија до 35 години. Покрај прогласувањето на наградените автори беше отворена изложба со дела од финалистите за наградата.
Жири комисијата во состав: Хитоми Ивасаки, неодамнешна директорка на Одделот за изложби и главна кураторка во Квинс музејот во Њујорк, а сегашна главна кураторка и директорка на работи од културата на Фондацијата Исаму Ногучи -Њујорк; Рона Копецки, кураторка и историчарка на уметност, уметничка директорка на галеријата ACB во Будимпешта, со-основачка на Easttopics, платформа, центар и изложбен простор, посветен на современата уметност од Централно-источна Европа; Ѓорѓи Десподов, мултидисциплинарен уметник од Северна Македонија кој живее и студира во Хаг, Холандија, добитник на наградата Денес, за млад визуелен уметник (2023) во Северна Македонија, одлучи дека наградите ќе се доделат на финалистите во следниот редослед:
Добитник на наградата Денес за 2025 е Крсто Глигорјадис кој добива двомесечен престој во Residency Unlimited во Њујорк во 2026 година, Мила Добревска добива едномесечен престој во Галеријата „Простор“ на организацијата „Културен хаб Хрватска“ во Сплит во 2026 година и самостојна изложба во просторот, а Наташа Неделкова ќе има самостојна изложба во земјава во 2026 година.
Наградата Денес е основана во 2002 година од страна на Центарот за современи
уметности – Скопје, во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк,
САД, но официјално првпат беше доделена во 2003 година.
Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје, во соработка со
мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма
Residency Unlimited (RU), Њујорк, и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк,
по деветнаесетти пат го организираше процесот за доделување на наградата Денес.
