Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер претпладнево полетаа за Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин. Разговорите во Кремљ се најавени за попладнево, темата е изнаоѓање на начини за крај на војната во Украина. Посетата на американската делегација на Русија доаѓа по два дена од нивниот состанок со украинскиот тим на Флорида по кој портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит изрази „голем“ оптимизам за мировен договор.
„Ова е еден вид шатл-дипломатија што ја видовте од оваа администрација, каде што разговараме рамноправно со двете страни. Ги ставивме точките на хартија, тие точки беа многу преработени. Но, што се однесува до деталите, ќе им дозволам на преговарачите да преговараат. Но, се чувствуваме доста добро и се надеваме дека оваа војна, конечно, може да заврши“, изјави Керолајн Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Минатата недела се појави мировен план на САД со 28 точки кој предизвика страв меѓу украинските и европски официјални претставници. Според нив, нивните забелешки беа дека документот бил наклонет на клучните барања на Русија кон НАТО, за контролата на Москва врз петтина од територијата на Украина и за ограничување на украинската армија. Следуваше контрапредлог за мир од европските сили, како и состанок со претставници на САД и Украина во Женева, каде соопштија дека ја „ажурирале и усовршиле мировната рамка“.
„Украина е единствената што може да разговара за своите територии. Тие ѝ припаѓаат како што е признато со меѓународното право и суверенитет. Кога зборуваме за безбедносни гаранции, тие не можат да се дискутираат или преговараат без Украинците, чија територија е тоа, да бидат на масата, и без Европејците и сите сојузници на коалицијата на подготвени да бидат на масата, бидејќи тие се гаранти и бидејќи се однесува и на безбедноста на европската територија“, порача Емануел Макрон, претседател на Франција.
Трамп многупати досега порача дека сака да ја запре војната во Украина која неговата администрација ја опишува како крвопролевање. Даваше и рокови, но сите негови досегашни напори, вклучително и самитот со Путин во Алјаска, сè уште не донесоа мир. Рускиот претседател, пак, повеќе пати нагласува дека е подготвен за преговори, меѓутоа ако Украина го одбие предложениот мировен план, руските сили ќе продолжат со напредување на фронтот и ќе заземат повеќе украинска територија.
„Па, тие продолжуваат и добро продолжуваат. Сакаме да спречиме убивање луѓе. Нема многу врска со нас, но би сакал да видам дали можеме да спасиме многу души. Многу луѓе се убиваат. Минатиот месец имавме 27.000 убиени луѓе во таа смешна војна, што никогаш не требаше да се случи“, истакна Доналд Трамп, претседател на САД.
Во пресрет на денешните разговори во Кремљ, Русија излезе со тврдење дека го зазела Покровск, кој важеше за град-тврдина во областа Доњецк, и Вовчанск во областа Харков. Украина, пак, ги отфрли таквите наводи, оценувајќи како „бомбастични изјави“ со кои Москва сака да влијае на преговорите за крај на војната.
Европската централна банка (ЕЦБ), претпладнево, одби да обезбеди заштитни мерки за исплата на 140 милијарди евра за Украина, објави „Фајненшл тајмс“, што дополнително го отежнува планот на Европската Унија (ЕУ) за „кредит за репарација“, користејќи го „замрзнатиот“ руски имот. Заклучокот на ЕЦБ, според изворите на „Фајненшл тајмс“, е дека предлогот на Европската комисија (ЕК) не е во рамки на нејзиниот мандат. На тој начин, пренесува „Ројтерс“, Брисел се соочува со отежителна околност за собирање на средства од имотот на руската централна банка кој е депониран во белгискиот депозитар за хартии од вредност – „Еуроклиар“.
Сашко Димовски
