Со концертот насловен „Новогодишна латино-музичка идила“ на 20 декември, маестро Симон Трпчески во соработка со Македонската опера и балет (МОБ) под диригентство на Сашо Татарчевски ќе го одбелжи јубилејот 25 години блескава музичка дејност. За овие 25 години Симон Трпчески настапи во 52 држави. Меѓу позначајните настапи годинава беше и настапот со филхармонискиот оркестар на Буенос Аирес со ретката изведба на Аргентинскиот концерт на Алберто Хинастера. Воедно и извонредна увертира за претстојниот концерт во Скопје, кој за Трпчески е исклучително важен и предизвикувачки секогаш кога станува збор за настап пред домашната публика.
„Имено, тој ќе вклучи комбинација на различни композитори како Албенис, Сарасате, Мануел де Фаља, нешто што во тој дух нам ни е од аспект на интензитет на емоција, на ритмичко чувство блиско. И би сакал тука да кажам дека ќе изведам едно дело кое што мене ми е многу мило кое што само што го научив сам, тоа е Шпанска рапсодија од Исак Албенис, премиерно ќе биде изведена во Македонија“ изјави маестро Симон Трпчески.
„И од една идеа, од една средба, прерасна во тоа што го направивме минатата година и нашата желба стана, да кажам, традиција, затоа што ова го планираме и понатаму“, рече Кристијан Стефановски од „Прагма продукција“.
„Огромна е честа, меѓутоа огромна е и одговорноста за да се направи тоа со најголемиот состав кој таму ќе настапува, односно оркестарот на МОБ, да биде на нивото за да се настапува со уметник кој што настапува со најголемите оркестри во светот“, вели диригентот Сашо Татарчевски.
На овој концерт во арената „Борис Трајковски“ како гостин ќе настапи концерт мајсторот на Македонската опера и балет, виолинистот Климинт Тодоровски, додека во вториот дел на концертот ќе бидат изведени македонски дела во аранжман на Панде Шахов.
Нина Стефанова
