Тенденција од неколку години наназад, со која тонеме финансиски, а тоа се одразува и на програмата. Вака од Младинскиот културен центар ја објаснуваат состојбата во која се наоѓаат, што се одрази и врз 50. јубилејно издание на фестивалот Млад Отворен Театар. Во неговата официјалната програма за прв пат нема странски претстави, туку само 8 кои доаѓаат од регионот и еден перформанс. Преку нив ќе ги видиме креациите на македонските режисери и нивните авторски тимови, вклучени во проектите.
- Се работи веќе за тенденција од неколку години наназад. Каде што тонеме финансиски, а тоа се гледа и програмски. Така што јас само верувам дека сѐ ќе биде подобро. Дека ќе сфатиме што е национален интерес на оваа земја, дека ќе сфатиме дека културата чини, ако сакаме да ја имаме, рече Русе Арсов од Младинскиот културен центар.
За лошата финансиска состојба на МКЦ, влијаат повеќе фактори. Драстично намалениот буџет за програмски активности од страна на Град Скопје за време на градоначалничката Арсовска, долговите од 200 000 евра низ годините што ги трупала установата, а сега се наплаќаат преку извршители и отсуството на чувство кај надлежните дека МОТ не може да се одржи со буџет, доволен да дојде една претстава од странство, од А категорија. За ова издание, буџетот на фестивалот е 75 илјади евра. 55 илјади евра се од Министерството за култура и туризам, а 20 илјади евра обезбеди Град Скопје, со ребаланс на буџетот.
- Ние работиме во моментов со буџет како пред не знам, десетина години. Цените од пред десетина години на основните работи во животот и денес , се многу различни . Да не зборувам за последниве две години, што се случува во однос на цените, вели Арсов .
МОТ го отвора ЈДП од Белград , со претставата „ Лимениот барабан“, во режија на Васил Христов, а ќе го затвори „ Мајка храброст и нејзините деца“, во режија на Дејан Пројковски, во продукција на театарот Ујвидеки Шинхаз од Нови САД. Изведбите се во МНТ, МКЦ и во КСП-Јадро.
Сотир Трајков
