Вести Македонија Најважни

Повеќе пари за тендери во здравството, помалку услуги за пациентите

Здравството троши повеќе за тендери, граѓаните добиваат помалку услуги. Истражувањето за корупциските ризици во јавните набавки во здравствениот сектор во периодот од 2015 до 2024 на Центарот за граѓански комуникации покажува дека за десет години, тендерите во здравството се зголемиле за повеќе од два пати – од скоро 126 милиони евра во 2015 на над 315 милиони евра во 2024.

Истовремено додека се трошат многу повеќе пари, граѓаните добиваат помалку услуги. Истражување покажува дека бројот на болнички случаи во изминатата деценија се намалил за 14 отсто – од 216 илјади во 2015 на 185 илјади во 2014. За 23 отсто е намален бројот на болнички денови – од скоро 1 милион и 200 илјади на 916 илјади болнички денови во 2024. За тоа време, вредноста на тендерите во болниците се зголемила за трипати – од 62 милиони евра во 2015 на 198 милиони евра во 2024.

„Очигледната несразмерност помеѓу трошењето и квалитетот на услугите го засилува впечатокот дека јавните набавки не се реален одраз на потребите и на интересите на граѓаните и дополнително ги потхрануваат недовербата и сомнежите за корупција“, наведува Центарот за граѓански комуникации во истражувањето.

Во изминатите две години и бројот на специјалистички прегледи бил намален за 20 отсто – од скоро 3,6 милиони прегледи во 2022 на помалку од 3 милиони во 2024, односно 700 илјади прегледи годишно помалку.

Дел од граѓаните се жалат, дел се задоволни од услугите на Клиничкиот центар.

„Треба да се воведе ред. Значи ако имаш закажано, да биде закажано во тој термин, а не да чекаш со саати. Ние сме болни луѓе, не можеме да чекаме со саати.“

„Прво влез во Клиника, паркингот, и чекање по еден, два или три часа, мојата сопруга е со карцином, и излегување уште еден саат, значи денеска 5-6 часа се губи овде, со луѓе болни со карцином.“

„Супер е, и доктори, и сестри, сите.“

„Зависи каде како, за магнет чекам цел месец, сè уште не е готов.“

„Лично ние денеска бевме, нема што да се подобри. Докторката не прими, на Неврологија бевме, па на Уво, нос и грло за рамнотежа, и тие културни и фини, услужливи сме ние, ние сме задоволни“, велат анкетираните граѓани во кругот на скопските клиники.

Парадоксално, како што расте вредноста на јавните набавки, се намалува бројот на фирми што учествуваат на тендерите. Во 2020, на скоро 30 отсто од тендерите имало само еден понудувач. На овој начин биле потрошени 61 милиони евра. Минатата година, на скоро 40 отсто од тендерите имало само еден понудувач, а вака биле потрошени над 160 милиони евра.

Министерот за здравство Азир Алиу најавува нови вработувања во здравството со што граѓаните ќе добијат поквалитетни услуги. Вели дека уште кога дошол на функцијата почнале со мапирање на состојбите и проблемите во здравството.

„После таа јасно дефинирана слика за здравствениот екосистем во државата, ќе ги знаеме сите причини. Во неколку клиники веќе ги анализираме услугите, инфраструктурата и човечкиот фактор и многу брзо ќе излеземе со решение за оптимизација на здравствените услуги, за здравствената инфраструктура во државата. Знаете дека за три месеци не можеме да ги решиме тие проблеми кои за жал се трупале со години“, вели Алиу.

Целта на истражувањето, како што наведуваат во Центарот за граѓански комуникации, не е да докаже корупција во некој тендер, туку да покаже дека воспоставениот систем на набавки во здравството и нивната реализација остава значителен простор за корупција и злоупотреби.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кочанчанец го фатиле со дрога па потоа на дрзок начин преку прозор побегнал од полициската станица

Tea Dimkovska

Пожар на тешко достапен терен кај месноста Пирин Чешма – Општината Валандово се сомнева за намерно подметнување

Tea Dimkovska

(Видео)Рама го пречека раперот Кање Вест во Албанија пред почеток на концертот вреден над 4 милиони евра

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе