ВМРО-ДПМНЕ на ден по изборите со кратка и јасна порака до политичките опоненти – „оставки“. Го прозваа лидерот на социјалдемократите, Филипче, а своја оценка дадоа и за интегративците на Ахмети.
Додека владејачката партија ја прославува изборната победа, од СДСМ со одговор. Социјалдемократите се на став дека ВМРО-ДПМНЕ попусто се обидува да прикаже огромен триумф, кога реалноста е дека бројките покажуваат пад во довербата во владините партнери.
„СДСМ е на најниското ниво од своето основање до денес. Јасно е дека народот праќа јасна порака на двоецот Венко Филипче – Зоран Заев. Оставката е најморалниот чин на човек којшто доживеал ваков дебакл. Не може криминалот да се брани со историски приказни, со измислен наратив и со национална поларизација и затоа пораката и кон ДУИ и Али Ахмети беше многу јасна на вчерашните избори“, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Иако СДСМ не го постигна посакуваниот резултат на изборите, сепак се бележи стабилизација и раст во повеќе општини – тврдат од партијата во писмено соопштение и оценуваат дека вкупниот амбиент се менува.
Од една страна има солидни резултати во повеќе општини, но од друга страна – места каде што во иднина ќе мора да се работи на зголемување на поддршката, посочуваат од опозициската партија.
„Вкупниот број гласови покажува дека СДСМ ја намалува разликата во однос на ВМРО-ДПМНЕ, а ја зголемува во однос на ЗНАМ и држи стабилна предност пред Левица. На ВМРО-ДПМНЕ им порачуваме, наместо да се занимаваат со СДСМ и бараат оставки, да се соочат со фактот дека нивните политики во изминатата година се катастрофални, а падот на гласови се должи токму на тоа“, велат од СДСМ.
По изборите, со став се јавија и дел од поранешните партиски функционери на СДСМ. Досегашниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, остро ја критикуваше партијата со оценка дека ова не е само обичен изборен пораз туку тешка брука, политички и морален срам и сигнал за заминување на поголем број членови од раководството на Социјалдемократскиот сојуз. Упати и повик за внатрешна реформа.
Петар Догов
