Вести Македонија Најважни

Брутален напад врз сопственик на Тобако во Тетово – жртвата најдена во дупка на градилиште, осомничен е син на полициски раководител

Во тетовската полициска станица е приведен 27-годишен жител на Тетово поради физички напад врз свој сограѓанин кој поради сериозните повреди веднаш по нападот е префрлен во болница во Скопје. Неофицијално, напаѓачот е син на полициски раководител во СВР Тетово. Ова е втор случај месецов, син на раководител во СВР Тетово да се најде во полициските извештаи. Во првиот случај, кој и официјално е евидентиран од МВР, и таткото се соочи со кривична пријава.

Вчераутро беше приведен осомничениот поради сомнение дека претепал 42-годишен тетовец, сопственик на трафика. Полицијата и Обвинителството сè уште работат на квалификација на делото. Најверојатно се чека утврдување на карактерот на повредите и се испитуваат околностите. Повредениот е во тешка состојба. Има скршеници на, речиси, целото тело и префрлен е во болница во Скопје. Бил најден во дупка на градилиште, а повеќе луѓе слушнале како бара помош и се жали на болка од тешките повреди. Потоа е пријавен нападот и осомничениот.

Полицијата потврди дека повредениот имал тешки повреди и бил најден во дупка на градилиште.

„На ден 15.10.2025 во 05:20 часот на крстосница од улица „Благоја Тоска“ со улица „Борис Кидрич“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода Ф.Д. (27) од Тетово, постапувајќи по претходна пријава дека физички го нападнал А.К.(42) од Тетово. Имено, А.К. е пронајден со повреди во ископана дупка од објект во изградба и поради сериозноста на повредите е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје“, изјава Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.

За првиот случај, МВР на 13 октомври објави дека татко, вработен во СВР Тетово, е осомничен дека бришел докази од телефонот на синот, инаку приведен на 4 октомври за најдена дрога. За овој случај внатрешната контрола на полицијата осомничила и уште еден полицаец.

„Втoропријавениот, иако не бил работно ангажиран, активно се вклучил во преземање на службените дејствија во предметот во кој неговиот син бил лишен од слобода поради основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ по член 215 од Кривичниот законик, при што му било овозможено да располага со телефонот и да избрише и уништи докази од телефонот важни за истрагата“, информира МВР. 

Во овој случај таткото е инспектор за недозволена трговија со дрога.

Александар Самарџиски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Грмотевици предизвикаа пожар во близината на Штип – огнот се шири на ридовите над градот

Дејан Дејан

Целодневна дебата во Собранието за интерпелацијата на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски

Дејан Дејан

По средбата на Јотова и Сиљановска – Бугарија очекува Македонија да ги исполни европските критериуми за членство и да ги внесе Бугарите во Уставот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе