Четворица кандидати се во трка за иден градоначалник на Струмица. За разлика од претходните неколку изборни циклуса кога свои кандидати имаа само двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, на претстојните локални избори во трката влегуваат уште двајца кандидати: еден на Единствена Македонија и еден независен. Од единствена Македонија кандидат е Ристо Цасконоје, а независната кандидатура ја поднесе Драган Котуровиќ.
Сепак, според очекувањата клучната и одлучувачка битка ќе биде помеѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Јанков, и на СДСМ, Марјан Даскаловски. ВМРО-ДПМНЕ претендира да ја освои локалната власт во овој град по цели 20 години. Од 2005 наваму во Струмица градоначалниците се од редовите на СДСМ. Три мандата беше поранешниот премиер Зоран Заев, еден Коста Јаневски и еден мандат како и краток период в.д. градоначалник во мандатот на Заев со општината раководеше актуелниот, Костадин Костадинов.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Петар Јанков доаѓа од приватниот сектор. Порано бил вработен во Царинската служба, но ја напуштил за да се посвети на сопствениот бизнис. Смета дека тоа е неговата главна предност-ги познава проблемите на стопанството и знае како да им пристапи за Струмица да го развива приватниот сектор. Во својата програма за Општина Струмица, ВМРО-ДПМНЕ се фокусираат на неколку приоритетни проекти меѓу кои: изградба на ново основно училиште во Општина Карпош, но и изградба на спортска сала во основното училиште Сандо Масев во Струмица.
Ако победи на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ предвидува и акредитација на лабораторија на струмичкиот водовод за обезбедување чиста вода за пиење. Опфатени се и проекти за реконструкција на локални патишта, доизградба на булевари, решавање на проблемот со долниот дел од градот кој честопати се поплавува.
Марјан Даскаловски изминативе 20 години во неколку наврати бил претседател на општинскиот совет. Тој вели дека Струмица треба да продолжи по патот на развојот па неговата програма опфаќа продолжување на некои проекти почнати од неговите претходници. СДСМ програмата ја базира на четири столба: Функционална и безбедна општина, одржлива економија и туризам, чиста и здрава животна средина, социјална сигурност и еднакви шанси. Доколку ја освојат локалната власт, СДСМ планираат да го довршат проектот за изградба на социјална населба во турското маало и целосно дисколирање на дивата населба на булеварот Климент Охридски. Уредување на каналот Крушевска Република до вливот во река Турија, изградба на атмосферски канализации и прочистителни станици за отпадни води во населените места.
И двајцата кандидати во своите програми посебен фокус даваат на чистиот воздух-проблем кој станува сериозна закана за Струмичани секоја зима. Високите концентрации на пм10 честички го прават градот еден од најзагадените во државата секоја грејна сезона. Ги прашавме и струмичани: што очекуваат од новата локална власт? Освен што не беа многу расположени да коментираат, пред камерите се пожалија на лошиот стандард.
Освен четири кандидатури за градоначалници на овие локални избори во Струмица граѓаните ќе може да бираат и помеѓу седум советнички листи: На СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ; ЗНАМ, Левица, една независна на екоактивистите, една од Движењето за национално единство на Турците и последната е на Демократската партија на Турците.
Сузана Мицева
Дигитална обработка: Б.С.
