Франција повторно во политичка криза. Премиерот Франсоа Бајру денеска и официјално го загуби гласањето за доверба во Националното собрание со резултат 364 гласа „за“ и 194 „против“.
Националното собрание не ја одобрува генералната политичка изјава на премиерот. Согласно уставот, тој мора да ја поднесе оставката на владата до претседателот“, соопшти претседателката на Собранието, Јаел Браун-Пиве.
Премиерот, кој важеше за еден од најблиските сојузници на претседателот Макрон, во последните моменти од својот мандат истакна дека изминатите девет месеци му биле период на „длабока среќа“, иако неговата влада беше малцинска и без поддршка за клучните буџетски реформи. Тој се обиде да добие поддршка за рестриктивен буџет, но наместо тоа, пратениците ја искористија можноста да го соборат – обединети против неговите предлози за кратење на јавната потрошувачка.
Проблемот, заканата, ризикот за Франција ќе останат исти. Зашто, дами и господа од Собранието, вие имате моќ да ја соборите владата, но немате моќ да ја избришете реалноста. Реалноста ќе остане непроменета, трошоците ќе продолжат да растат уште повеќе, а огромниот долг, кој веќе е неподнослив, ќе стане сè потежок и поскап, истакна од говорницата францускиот премиер Францоа Бајру.
Лидерот на екстремната десница, Марин Ле Пен, ја искористи седницата за повторно да упати повик за предвремени избори, посочувајќи дека сегашната политичка елита – од лево и од десно – е виновна за колапсот на Владата.
Ако има распуштање, ќе го прифатиме пресудата на гласачкото тело. Ако народот ни укаже чест со јасен мандат, односно апсолутно мнозинство, ќе одиме во Матињон (канцеларијата на премиерот) за да спроведеме, без да чекаме на претседателските избори, програма за национално закрепнување. Промените веќе не чекаат, порача од говорницата француска пратеничка и претседателка на десничарската партија Национален собир во Националното собрание, Марин Ле Пен.
Додека Бајру се подготвува да ја предаде оставката утре наутро, претседателот Макрон се соочува со едно од најтешките политички предизвици во својата кариера – да именува петти премиер во помалку од две години или да распише нови парламентарни избори, со ризик десницата на Ле Пен да оствари изборна победа.
