Додека меѓународната јавност очекува потврда за предложениот самит меѓу претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган уште еднаш ја повтори својата желба мировниот процес да продолжи да се одвива во неговата земја.
Ердоган и Путин се сретнаа на маргините на регионалниот самит во Кина, каде што Анкара повторно се претстави како најверодостојната врска меѓу Москва и Западот, по изолацијата на Русија поради војната во Украина.
Турција беше земјата во која беа направени првите дипломатски обиди за завршување на војната и каде што се одржаа трите досегашни рунди преговори меѓу украинската и руската делегација.
Турција, исто така, посредуваше и во постигнувањето на договорот за извоз на украинското жито, со кој се спречи неконтролирано зголемување на цените на храната на светските берзи.
