Вести Македонија Најважни

Филипче нуди документ со црвени линии, Муцунски обвинува за противречност

СДСМ ќе им понудат на партиите документ со црвени линии и јасни позиции за европската интеграција.Претседателот на партијата вели дека, за да се одблокира процесот, треба да се настапи државнички и жали за одбивањето на предлогот за заедничка Резолуција во Собранието со црвени линии како механизам за заштита од ново вето.

„Ќе спремиме еден документ којшто ќе биде работна верзија, кој ќе го понудиме во текот на оваа недела, во којшто сметам дека ќе влезат сите аспекти коишто се важни за државата. Ќе ги споменеме сите претходни декларации, ќе ги споменеме обврските коишто се преземени во рамките на Францускиот предлог и ќе дадеме предлог како ние како СДСМ сметаме дека треба да се продолжи понатаму, со јасни и точни црвени линии, конечно да знаеме сите на една маса за што зборуваме и како да продолжиме напред“ изјави Филипче.

Предупредува дека, поради застојот на ова поле, младите се‘ повеќе иднината ја гледаат надвор, а се губат и средства поради тоа што не се спроведува ни реформската агенда, посебно во делот на правосудството. Го обвини премиерот дека често менува ставови – еднаш бара конструктивност, а потоа одбива секакви предлози.
Министерот за надворешни работи, пак, го обвини него дека е противречен во изјавите и внесува конфузија.

„Венко Филипче од една страна зборува за уставни измени, од друга страна за откажување од преговорите ако има ново вето. Таков пристап не носи сигурност, туку неизвесност за правецот во кој треба да оди државата. Изминатите години видовме што значи политика на брзи потези и празни ветувања. СДС и ДУИ со секое ветување отвораа надеж, а со секој притисок ја поништуваа таа надеж. Заедничките документите што се носеа во Собранието не донесоа сила, туку слабост – беа дерогирани веднаш штом ќе се појавеше предизвик“ напиша Тимчо Муцунски на Фејсбук.

Уверува дека работат на решенија што носат траен напредок – не на блокади што се повторуваат, како и дека е подобро да се покаже трпение и мудрост, отколку да се направи потег кој утре ќе биде уште поголем товар за државата.

Далиборка Демјанска 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Над 17.000 хектари изгорено земјиште во големите шумски пожари во Франција

Sasko Dimovski

Почина американскиот сенатор Линдзи Греам

Sasko Dimovski

ЕУ воведува нови правила за патници во авионскиот сообраќај – денеска ќе се одобрат, во сила ќе стапат во 2027 година

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе