Езеро направено од пукната цевка за питка вода се појави во дворот на поранешната фабрика ОХИС. Дефектот е настанат од оштетена водоводна цевка која го снабдува Драчево со вода. Питката вода тече повеќе од два месеца.
Како резултат на пукнатата водоводна цевка може да се види вода на булеварот Борис Трајковски, но исто така и езеро во поранешната фабрика ОХИС. Жителите стравуваат дека водата би можела да навлезе во почвите со линдан и истиот да се прошири.
На лице место може да се забележи дека водата опфаќа простор од повеќе десетици метри во кругот на фабриката. Проблемот го вклучи алармот и на државниот инспекторат за животна средина за животна средина. Од таму потврдија дека се запознаени со овој инцидент. Велат дека се извршени проверки во повеке наврати од нивна страна.
,,Согласно надлежностите на ЈП ,,Водовод и канализација’’ и Градот Скопје треба да го отстранат дефектот, како не би дошол до поголем безбедносен проблем со булеварот и навлегување на чиста питка вода која истекува неконтролирано и се прави езерце и претставува загуба на вода во овие летни жеги, а може да биде и голем проблем по животната средина и здравјето, доколку водата навлезе во балонот и потоа се загадат и подземните води со измешана вода и отпаден линдан“ велат од Државен инспекторат за животна средина.
Линданот се смета за канцерогено соединение. Порано се користел во земјоделството како пестицид за уништување на инсекти. Докторите велат дека линданот го напаѓа централниот нервен систем и се задржува во маснотиите на организмот.
,,Станува збор за канцерогена супстанца, во 2015 година докажано е од меѓународната агенција за истражување на канцер дека предизвикува малигни тумори, и потенцијално има поврзаност со појава на леукемија. Кога станува збор за здравје на луѓе нема простор за дискусија за средства и пари“ изјави проф. д-р Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје.
Расчистувањето на линданот е ставено на пауза. Според последните информации недостигаат 8 милиони евра за расчистување на малатa депонија со линдан во Охис. Доколку се дислоцираат по 30 тони дневно ќе бидат потребни 200 работни дена или околу две години. Инцидентот што настана со водата одново го крева аларматот во јавноста, зошто со било каков дефект ова подрачје станува потенцијално опасна зона за здравјето на граѓаните.
Марија Коцева
