Сериозни последици ќе сноси Русија доколку Владимир Путин не се согласи на примирје на средбата во Алјаска, порача американскиот претседател по виртуелниот самит со европските лидери. Трамп рече дека отсекогаш имал добар однос со Путин, но по секој позитивен разговор околу војната во Украина, американскиот претседател бил разочаран кога на вести ќе видел дека руската армија бомбардирала старечки дом или станбена зграда.
-Одредени големи придобивки може да бидат остварени на првиот состанок. Тоа ќе биде многу важен состанок, но тој е подготвување на теренот за втор состанок. Ако тој воопшто и се одржи, можеби нема да има втор состанок ако почувствувам дека не би било пристојно. Ако не ги добиеме потребните одговори, нема да има втор состанок, изјави Трамп.
Европските лидери, заедно со претседателката на ЕК и генералниот секретар на НАТО ја завршија координацијата со американскиот претседател Доналд Трамп пред неговата средба со Владимир Путин во петок на Алјаска. Карактеризирајќи ја средбата како клучна за безбедносната иднина на Стариот континент, целта на европските лидери беше вниманието на Трамп да го насочат во вистинската насока.
-Фундаменталните европски и украински безбедносни интереси мораат да бидат гарантирани во Алјаска. Тоа е нашата порака, како Европејци, која денеска му ја испративме на американскиот претседател Трамп и можам да кажам дека сите бевме согласни во нашите проценки за моменталната ситуација и остварливите цели во петок, вели германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Повторувајќи ги точките од заедничката декларација на 26 од земјите членки на унијата, тие посочија на најважниот факт, пред евентуалното комплетирање на овој процес, Украина, а преку нејзе и Европа, мора директно да учествуваат во него.
-Прашањето за окупираните територии ќе биде клучен елемент во овие мировни преговори. Тие се неразделив дел од безбедносните гаранции за останатата украинска територија и Европа, и за нив нема да се дискутира без присуство на масата на украинскиот претседател. Во моментов на масата нема сериозни предлози за размена на територии, порача францускиот претседател Емануел Макрон.
На виртуелната координација учествуваше и Зеленски, кој изминативе месеци макотрпно работеше на поправање на неговите односи со Трамп. Украинскиот претседател потврди дека Трамп ги поддржал украинските услови, односно дека прво мора да биде договорено примирје, а потоа Украина да добие цврсти безбедносни гаранции.
-Тоа беше договорено. Во принцип, Русија не може да има право на вето врз безбедноста на Украина, и мировните преговори мора да бидат комбинирани со соодветен притисок врз Русија. Санкциите мора да останат во сила и мора да бидат проширени ако Русија не се согласи на примирје. Тоа се ефективните принципи, и важно е тие да успеат, изјави Зеленски.
Додека целото внимание се насочува на самитот во Енкориџ, ситуацијата на фронтот во Донбас забрзано се влошува за Украина. По повеќе месечни постојани напади со мали пешадиски единици Русите успеаја доволно да ја потрошат украинската одбрана за да остварат, пробив на фронтот, мал но пробив кој се заканува да се прошири низ целиот фронт. Токму тоа е главната причина зошто европските сојузници притискаа да се постигне примирје, но истото го знае и Путин и можеби рускиот претседател е подготвен да издржи уште загуби додека колабира целата украинска одбрана.
Игор Трајков
