Општините трошат сè повеќе пари на јавните набавки. Во 2024 година, вредноста на општинските тендери пораснала за 16 проценти, односно за 26 милиони евра, со што вкупната вредност на потрошени средства за јавни набавки на 80 општини и Градот Скопје, во 2024 година, изнесува 190 милиони евра. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) покажало дека 2024 е рекордна година според трошоците за јавни набавки на локалните самоуправи, веднаш пред 2021 кога биле потрошени 183 милиони и 2023 година со 164 милиони евра.
Општина која во 2024 најмногу издвоила за тендерите е скопската општина Гази Баба.
„Во првата десетка единици на локалната самоуправа со најголема вредност на тендерите се наоѓа Општина Гази Баба со вредност од 11,7 милиони евра, потоа следува Општина Битола со 11,4 милиони и треторангирана е Општина Аеродром со 10 милиони евра“, се наведува во итстражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Тринаесет општини кои имаат најголема вредност на јавните набавки, заедно трошат околу 95 милиони евра или половина од вкупно потрошената сума за јавни набавки на сите единици на локална самоуправа.
Општина Гази Баба, освен што лани најмногу потрошила на јавните набавки, има и најголемо зголемување на вредноста на јавните набавки и тоа за 5,7 милиони евра. По што следи Општина Аеродром со зголемување од 5,4 милиони евра, па Општина Кисела Вода со 4,9 милиони евра. Градот Скопје во 2024 има пад на вредноста на тендерите од 11,5 милиони евра, со што завршил на шестото место. Намалување има и кај општините Центар, со 2,2 милиони евра, Радовиш, со 2 милиони евра, Тетово со 1,5 евра.
Лани, просечно, со јавните набавки по жител потрошени се по 131 евро, што е за 20 евра, односно 18 проценти повеќе од 2023.
„Најмногу јавни набавки по жител во 2024 година одделила Општина Дојран, дури 675 евра. Најмалку пари за јавни набавки по жител потрошил Градот Скопје. Тој се наоѓа на дното на табелата, со само 14 евра по жител“, се наведува во истражувањето на ЦГК.
Истражувањето покажало и дека дури една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери, околу 47 милиони евра, завршила на контата на само 10 фирми.
Листата од 10-те фирми со најмногу заработено од јавните набавки на општините е „Енерџи Деливери Солушнс ЕДС“ од Скопје, со 42 договори со 38 општини во висина од 8,1 милиони евра. Втора е „Фабрика КАРПОШ“ од Скопје, со 10 договори во вредност 5,9 милиони евра. На трето место е „ЏОВИ КОМПАНИ“, од Ново Село, со 10 договори вредни 5,5 милиони евра. Оваа компанија го има и најголемиот поединечен договор за јавна набавка од 4,5 милиони евра за изградба на градски пазар во Струмица.
Кај 13 општини само по една фирма има повеќе 50 проценти од набавките на општината, а кај половина од општините, една третина од спроведените јавни набавки лани ги реализирала од страна на само една фирма. Вкупниот број на компании со кои општините склучувале договори лани е 1.210.
Истражувањето на ЦГК покажало и дека како и во 2023 година, во просек, 28 проценти од буџетите на општините и на Градот Скопје се трошат на јавни набавки.
Тамара Грнчароска
