Вести Свет

Нетанјаху: Војната во Газа може да заврши утре ако Хамас ги положи оружјата и ги ослободи заложниците

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека војната во Газа може да заврши “веќе утре”, доколку Хамас ги положи оружјата и ги ослободи сите преостанати заложници. Неговата изјава дојде на прес-конференција за странски и локални медиуми, во време кога меѓународниот притисок врз израелските воени планови сè повеќе расте.

Во петокот, Израел објави планови за нова офанзива и целосно преземање на градот Газа, што претставува уште една ескалација во речиси две години долгата војна со Хамас.

Оваа одлука беше донесена на ноќна седница на израелскиот кабинет, и покрај зголемените апели од меѓународната заедница за прекин на огнот и протестите во Израел од семејствата на заложниците.

Израелската воена кампања досега резултираше со десетици илјади жртви во Газа, раселување на мнозинството од населението, уништување на големи делови од територијата и хуманитарна криза која, според ОН, ја носи Газа на работ на глад.

Во интервју за „Fox News“, Нетанјаху претходно рече дека Израел има намера да преземе контрола врз целата територија на Газа, од кои веќе контролира околу три четвртини.

На прес-конференцијата, израелскиот премиер го нападна германскиот канцелар Фридрих Мерц, велејќи дека тој „попуштил под притисок“ откако Германија реши да прекине со испораките на оружје кое може да се користи во Газа.

Нетанјаху го обвини Мерц дека подлегнал на „лажни телевизиски извештаи“ и „притисоци од разни групи“.

Мерц изјави дека заложбата за ослободување на израелските заложници и постигнување прекин на огнот останува приоритет, но дека последните потези на Израел дополнително ги отежнуваат тие цели.

„Можеби некои заборавија на 7 Октомври, но ние нема да заборавиме“, рече Нетанјаху, додавајќи дека Израел ќе направи сè за да ја заштити својата земја.

Како дел од новите мерки, Нетанјаху најави дека странски новинари ќе добијат пристап за покривање на случувањата во Газа, што е голем пресврт по 22 месеци војна во кои пристапот беше строго контролиран.

Во врска со хуманитарната криза, Нетанјаху го обвини Хамас дека „намерно создава недостиг“ на храна преку грабежи на хуманитарни конвои. Тој ги обвини и Обединетите нации дека одбиваат да дистрибуираат помош која, како што вели, Израел ја дозволува.

„Ако навистина имавме политика на изгладнување, никој немаше да преживее во Газа по две години војна“, рече тој, одбивајќи ги обвинувањата за систематска блокада на храна.

И покрај ветувањата за зголемена хуманитарна помош, вклучително и воздушни испораки и паузи во борбите, хуманитарните организации велат дека состојбата на теренот останува драматична и дека мерките сè уште не даваат видлив ефект.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон пратениците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе