Вести Најважни Свет

Израелската офанзива– воена стратегија или политички ризик со глобални последици?

Новата најава на Израел за целосна офанзива и повторно заземање на градот Газа предизвика верижна реакција – од силни осуди во меѓународната заедница, до масовни протести внатре во Израел и уште поголема хуманитарна катастрофа во опколената палестинска енклава.

Десетици илјади Израелци протестираа во Тел Авив против продолжувањето на војната, стравувајќи дека новата офанзива може да ги загрози 50-те преостанати заложници во Газа. Семејствата на заложниците повикаа на генерален штрајк во Израел, со надеж дека притисокот ќе ја натера владата да ја смени стратегијата.

– Денес сме тука за да ги повикаме најголемите компании во Израел, синдикатот и технолошкиот сектор да престанат со сè за да ги спасат нашите заложници и нашите војници. Го правиме ова затоа што немаме избор. Мојот сопруг и другите заложници се соочуваат со екстремна опасност, вели Лишај Миран-Лави, сопруга на заложникот Омри Миран.

 

– Мојот Матан сè уште го нема. Тој остана во тунелите на Хамас, сериозно повреден, подложен на насилни испрашувања и тортура, неговата медицинска состојба е критична, не знам кога последен пат јадел, кога ја видел дневната светлина, вели Анат Ангрест, мајка на заложник.

Воените тензии повторно ескалираат, додека Советот за безбедност на ОН итно се состанува за да ја разгледа ситуацијата што многумина ја сметаат за “крајна точка” на 22-месечниот конфликт меѓу Израел и Хамас.

– Разорната конвергенција на кризата со глад, колапсот на здравствениот систем, широкото уништување на критичната инфраструктура и речиси двегодишната војна имаат катастрофален данок врз луѓето, особено врз најранливите. Помошта што влегува во Газа останува далеку под минимумот потребен за задоволување на огромните потреби на луѓето, порача Стефани Тремблеј, заменик-портпарол на Генералниот секретар на ОН.

Според извештаите, и покрај воздушното доставување пакети со помош, многу од нив завршуваат во морето или во т.н. „црвени зони“, правејќи го пристапот до нив смртоносен ризик за жителите.

Меѓународната осуда на израелската одлука за воено заземање на Газа Сити продолжи да расте. Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, изјави во Каиро дека Израел ги турка Палестинците кон глад за да ја напуштат својата земја.

– Како што знаете, администрацијата на Нетанјаху направи нов чекор и ги откри своите планови за целосна окупација на Газа. Ние целосно го отфрламе овој план. Овој план е нова фаза од експанзионистичката и геноцидна агенда на Израел. Исламскиот свет мора да дејствува заедно против овој план и ние мора да ја мобилизираме меѓународната заедница, порача турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пак тврди дека интензивирањето на операциите е клучно за постигнување на целите на војната – уништување на Хамас и враќање на заложниците. Сепак познавачите оценуваат дека доколку Израел навистина тргне кон трајно заземање на Газа Сити, тоа би можело да ја наруши не само регионалната стабилност, туку и да ги загрози меѓународните напори за трајно решение.

Александар Петрески

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон претнеиците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе