Илјадници граѓани протестираат ширум Израел против новиот владин план за проширување на воените операции во Појасот Газа. Протестите се засилија откако безбедносниот кабинет на Израел одобри пет принципи за завршување на војната, вклучително и преземање на безбедносна контрола врз Газа.

Меѓу демонстрантите се и членови на семејства на околу 50 заложници во Газа – од кои 20 се верува дека се сѐ уште живи. Тие предупредуваат дека проширувањето на војната ги загрозува животите на заложниците и повикуваат владата да се фокусира на нивно ослободување.
„Проширувањето на борбите ги доведува во опасност и заложниците и војниците – народот на Израел не е подготвен да ги ризикува“, соопшти група што ги претставува семејствата на заложниците.

На протест во Ерусалим, демонстрантите порачаа: „Сакаме да заврши војната затоа што нашите заложници умираат таму – треба да се вратат дома, сега.“

Во Тел Авив, семејства на заложници и војници повикаа и други војници да одбијат учество во евентуалната проширена офанзива.

Меѓувреме, армискиот началник на Генералштабот, генерал Ејал Замир, според израелските медиуми, го предупредил премиерот дека целосна окупација на Газа би била „како одење во стапица“ и би ги загрозила живите заложници.
Анкетите покажуваат дека мнозинството израелски граѓани се за прекин на војната и договор со Хамас за ослободување на заложниците.

Меѓународната заедница, вклучително и Германија, која го прекина извозот на оружје кон Израел, остро го осуди планот.
Советот за безбедност на ОН денеска ќе расправа за ситуацијата . ОН и други хуманитарни организации повторно побараа од Израел да дозволи повеќе храна и помош да влезе во Газа, каде што, според податоци на Хамас, од почетокот на конфликтот се убиени над 61.300 луѓе, а над 200 лица, вклучително и 100 деца, починале од глад.
