На снимки објавени на ФБ се гледа како во полициски активности синоќа, началник во Демир Хисар наредува осомничена веднаш да биде носена на итен распит во полициска станица иако жената и нејзиното семејство повикале Итна помош поради покачен крвен притисок.
Полицискиот началник се обидува да нареди Итната помош „ако треба и во носилки“ да ја однесе осомничената во полициска станица. Осомничената е директорка на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар. Целата операција се одвива преку ноќ.
Од обвинителството потврдија за истрагата, но негираа дека имало насоки за приведување и за она што го прави полицискиот началник.
-ОЈО Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај. Поради сомненија за кривично дело „фалсификување и уништување деловни книги“ МВР ОВР Демир Хисар од ОЈО Битола побара издавање наредба за претреси на 3 локации, службени простории на училиштето, дом и автомобил на пријавеното лице. ОЈО Битола побара од Основниот суд Битола да се издаде наредбата со цел обезбедување предмети од кривично дело. Судот ја ценеше основаноста и го прифати барањето за претрес, по што ОВР Демир Хисар вчера извршило претрес на трите локации а за претресите и евентуално одземените предмети уште нема доставено официјално писмено известување до Обвинителството. Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е целосно испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници, велат од обвинителството.
Истрагата, според обвинителството е иницирана од полицијата. На дел од видеото се спомнува и училишниот печат на директорката и намерата на надлежните да постават нов директор на училиштето. Денеска се распишуваат избори, по што веќе нема да смее да се назначуваат нови функционери ниту училишни директори.
Од Обвинителството и од МВР засега нема информации дали во однесувањето на полицискиот началник кој и покрај зборовите на Итната помош, сака осомничената „во носилки“ да ја носи во станица, има прекршување на полициските правила за постапување со осомничени лица и основ за кривично гонење на началникот.
