Со судска наредба, полицијата доцна синоќа изврши претрес во домот, возилото и службените простории на Маја Лозановска, директорка на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, по што се обиде и да ја приведе.
Адвокатот на Лозановска, Жаре Стевановски, тврди дека претресот има политичка позадина и дека целта е смена на директорката еден ден пред распишување на изборите, за на функцијата да стапи нова директорка.
-Наредбата е издадена токму пред распишување на изборите, за да се спроведе решението за разрешување донесено од градоначалникот на Демир Хисар и да се назначи нова директорка која требаше да реализира три нови вработувања во училиштето. Сметаме дека ова е политички атак“, изјави Жаре Стевановски, адвокат на Лозановска.
Лозановска е на боледување, а лекарска екипа била повикана на претресот поради нејзината здравствена состојба и покачениот крвен притисок: Лекарите не препорачале таа да се движи. Стевановски објави видео на социјалните мрежи во кое се гледа како полицијата, по завршувањето на претресот, инсистира директорката на носилки да биде спроведена на информативен разговор, иако нема издадена наредба за приведување.
-Наредбата е за претрес. На информативен разговор ќе ја донесам по завршувањето на боледувањето. Денес нема да дојде, болна е“, рече Стевановски.
-Не правиме муабет дали ќе дојде или не. Брза помош ќе ја донесе со носилки“, категоричен е полициксиот началникот.
Од Обвинителството соопштија дека наредбата за претрес е издадена поради сомнение за кривично дело „Фалсификување и уништување деловни книги“. Потврдија дека нема издадено наредба за приведување или итен распит. Од полицијата пак велат дек апретресот е извршен под сомнение за извршено кривично дело одземање и уништивање службен печат, а за однесувањето на полицискиот началник ќе проверува внатрешна конторла
„Во однос на реакциите на јавноста поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на претресот, Одделот за внатрешна контрола,криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности од своја надлежност за што дополнително ќе ја известиме јавноста“, велат од МВР.
Градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски, вели дека разрешувањето на дирекорката доаѓа по решението на ДПИ.
Директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ е разрешена врз основа на решение донесено од Државниот просветен инспекторат, по спроведена контрола што утврди тешки неправилности во нејзиното работење. Дополнително, врз основа на посебно решение од Државниот просветен инспекторат, Советот на општина Демир Хисар го разреши и Училишниот одбор, напиша Најадовски на ФБ.
Но, Стевановски е категоричен дека постапката за разрешување на Лозановска е незаконска, поради што најавува кривични пријави против градоначалникот, просветните инспектори и началникот на полицијата во Демир Хисра.
-Разрешувањето нема законска основа бидејќи директорката е именувана од министерот за образование и само тој може да ја разреши. Градоначалникот на Демир Хисар одамна нема ингеренции за именување и разрешување директори. Дури и да имал, ја заобиколил целата постапка и го игнорирал училишниот одбор, вели Стевановски
За случајот се огласи и опозициската СДСМ, која побара одговорност за, како што го нарекоа, „режимскиот упад на полицијата“ во Демир Хисар, оценувајќи го како пример за партиски притисок и незаконско разрешување во пресрет на локалните избори.
Емилија Мисирлиевски
