Во петок или во сабота ќе бидат распишани локалните избори што треба да се одржат на 19 октомври, втор круг на 2 ноември. Ќе се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. Според бројот на учесници, изборната администрација, вклучувајќи ги и вработените во Државната изборна комисија (ДИК), локалните избори се најголеми и најмасовни. Карактеристично исто така за овие избори е што дијаспората нема да може да гласа, а ако некој од македонските државјани сака да го искористи своето право тоа ќе може да го направи само доколку допатува во земјата.
Веднаш по распишувањето на изборите во петок или во сабота, се очекува ДИК да одржи јавна седница на која согласно Изборниот законик ќе биде објавен календарот со сите рокови за избирачките дејствија, како и сите права и обврски за избирачките органи, учесниците на изборите и медиумите, пишува МИА.
За 3.500 избирачки места треба да бидат избрани 21.000 лица од администрацијата кои ќе бидат во избирачките одбори (ИО), кои во текот на септември ќе поминат комплетна обука за спроведување на изборите и ќе им бидат поделени прирачници. Дополнително ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Вреди, како партии односно коалиција со најголем број гласови на минатите избори, во септември, согласно роковникот, треба да номинираат 14.000 членови за избирачките одбори.
Општинските изборни комисии пак согласно Изборниот законик ги примаат кандидатските листи и ги потврдуваат, а потоа и одлучуваат по евентуални жалби, како и за приговорите за лично избирачко право.
Еден од поважните рокови е увидот во Избирачкиот список , кој започнува 15 дена по распишувањето на изборите и трае дваесет дена. Ова е период во кој избирачите со право на глас, односно оние со наполнети 18 години, ќе можат да ги проверат своите податоци во ИС и доколку имаат забелешки и барања за корекции да ги допстават до ДИК електронски или до подрачните канцеларии на Комисијата.
