Министрите од Вреди кои ќе се кандидираат на претстојните локални нема да дадат оставка пред изборите. Ова го велат од нивната партија, во однос на прашањето кој ќе ги наследи во фотелјите и што ќе се случува во идниот период.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, како и министерот за социјална политика, Фатмир Лимани, добија „зелено светло“ од партиското претседателство да бидат кандидати на Вреди во Чаир и во Кичево. Сега, официјалниот партиски став е дека до завршувањето на изборите, министрите ќе ги извршуваат своите владини обврски согласно законските надлежности.
„По завршувањето на локалните избори и формалното добивање на мандат од страна на министрите кои ќе бидат избрани за градоначалници, ќе се отвори потребата за реформирање и прераспределба во Владата, во тесна координација со коалициските партнери“, велат од Вреди.
Ова се случувало и во минатото, но јавноста прашува – колку е етички?! Професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Драган Гоцевски, потенцира дека кандидатурата не значи и засновање на нова јавна функција, функционерите имаат право на такво нешто и во случајот не станува збор за преседан.
„Она на што мора да се внимава од правен аспект е дали додека е министер може да врши неоправдано користење на средствата на министерството, за цели на кампањата. Тоа што сметам дека може да го забележиме во нашата политичка култура е кога веќе некое лице се нафатило да биде министер, тоа добива одредена доверба, добива задолженија, добива моќ – и почнува или треба да почне одредени реформски процеси. Тие влегуваат во буџети, се програмираат некогаш на повеќе години. И ако се нафатил веќе на четиригодишен мандат и започнал процеси, мислам дека е чесно и одговорно да тие лица си ги завршат процесите кои ги почнале“, вели проф. д-р Драган Гоцевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Пред два дена, владиниот коалициски партнер Вреди ја објави одлуката на претседателството да кандидира осум актуелни функционери на локалните избори – покрај двајцата министри, во комбинација се и шест директори.
Петар Догов
