Предлогот за Народен правобранител Фатон Селами е општински советник во Тетово од партијата на спикерот Африм Гаши
Фатон Селами во моментот ја врши функцијата советник во општина Тетово како претставник на партијата Алтернатива, стои на веб сајтот на општина Тетово. Алтернатива е партија чиј претседател е Зекирија Ибраими и е дел од владеачката коалиција. Член на Алтернатива е и актуелниот парламентарен спикер Африм Гаши.
Селами на својот ФБ профил како последна содржина има објавено политички пост од 22-ри јули кога при политички активности го придружувал претседателот на Собранието Гаши и тетовскиот градоначалник Билал Касами.
-Добредојдовте во Тетово, г-дине Африм Гаши! Имав задоволство да го пречекам и да го придружувам, во својство на општински советник, градоначалникот, претседателот на советот и други функционери, при неговата посета на Тетово, претседателот на Собранието на Република Македонија, кој нè почести со своето присуство!, напиша Селами кој денеска е изгласан како предлог за нов Народен правобранител.
Во биографијата доставена до Собранието, Селами не го ставил податокот дека во моментот е советник во општина Тетово.
Во 2021-ва, Селами станал прв претседател на огранокот на Алтернатива во Тетово. Истата партија го номинирала за државен секретар во Министерството за правда во декември 2018-та година, во кабинетот на тогашниот премиер Зоран Заев.
Селами има искуство како вработен во канцеларијата на Народниот правобранител. месец Во октомври 2008 година, се вработил како помлад соработник во стручната служба на Народниот правобранител на Република Македонија во Скопје, а во месец октомври 2018 година се стекнал со звање “раководител на одделение“ во истоимената институција.
Главно работел на предмети за права на потрошувачите за што има и магистерска титула. Од месец септември 2020-та година работи во Подрачно одделение на Министерството за правда во Тетово – Сектор за бесплатна правна помош и политички систем, на работно место раководител на Подрачно одделение Тетово, со звање раководител на одделение, со краток прекин во периодот од 14.09.2023 до 17.12.2023 година кога го распоредуваат за раководител на Одделението за политички систем во Скопје во рамките на истиот сектор на Министерството за правда.
Фатон Селами има положено правосудент испит, нотарски испит како и испитот за судски преведувач од македонски на албански и англиски јазик и обратно.
