Среде лето, во Црешево и Смилковци водата вреди повеќе од злато. Луѓето од овие скопски села живеат со страв да не ја пропуштат затоа што никој не знае кога точно ќе дојде, ниту колку ќе трае. На температури над 40 степени, кога најмногу им треба – ја нема. А кога конечно ќе потече, честопати е матна. Жителите не можат да пуштат машини за перење, ниту да се избањаат кога ќе посакаат. Стануваат пред зори, ноќе се капат, а питка вода купуваат.
„За вода не нè прашувај. Во најголемите жештини не оставија без вода. Ноќе доаѓа додека да станеме веќе ја снемува. Не можеме ниту да испереме бидејќи на машината и требаат неколку часа за да испере“, се жали жителка.
„Преку ден неколку часа водата е сопрена. Која ја пуштаат наутро водата многу е валкана, а зошто е тоа така не знам“, кажува друга жителка.
„Купуваме вода за пиење, стануваме рано сабајле за да се избањаме затоа што попладне не можеме. Никако не можеме“, раскажува граѓанин.
Токму ваквата неизвесност и недостигот на вода го прави секој ден тежок и неизвесен.
Со недели жителите на Црешево и Смилковци вода имаат само неколку часа дневно. На овие жештини, со температури над 40 степени велат дека не знаат во кој период од денот водата ќе дојде и колку време ќе ја има.
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, вели дека проблемот не е само таму туку и во Железара, Автокоманда, Маџари, Ченто и Хиподром. Објаснува дека проблемот е намален проток на вода од изворот Рашче.
„Ние како општина за населените места Смилковци и Црешево обезбедивме техничка вода со цистерни, а од денес ќе доставиме и цистерна со вода за пиење. Жалам што Градот како единствена надлежна институција за водоснабдување во Скопје не собра сили да организира состанок на кој ќе ја разгледаме ваквата состојба и ќе преземеме соодветни мерки“, изјави Бобан Стефковски, градоначалник на општина Гази Баба.
Од ЈП Водовод и канализација тврдат дека Црешево и Смилковци не се дел од нивниот систем. Тие испратија апел до сите граѓани да користат вода совесно, да избегнуваат полнење базени и бавчи, како и миење коли.
„Потрошувачката на вода е енормна – над 360.000 кубни метри дневно. Поради тоа, целиот град е со слаб притисок и прекини. Загубите од 65% не се од дефекти – туку од кражби и нелегални приклучоци“, соопштија од ЈП „Водовод и канализација“.
Од битолски водовод известија дека потрошувачката на вода е многу зголемена и најавија дека ќе почнат контроли со цел спречување на злоупотреби со питка вода, а казните за злоупотреба ќе бидат зголемени за 100%.
Тамара Марковска
