Претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска утрово ја достави оставката во Собранието. Во нема има само една реченица, без образложение. Се повикува на одредба од законот за спречување корупција според која на претседателот на ДКСК му престанува функцијата пред истекот на мандатот ако поднесе оставка.
Нејзиниот бранител Туфегџиќ, кого вчера го анагажирала, за Телма вели дека ја советувал веднаш да поднесе оставка поради постапката што се води против неа, но и да се намали притисокот. За обвинението дека му оддала службена тајна на ексдиректорот на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, Туфегџиќ, кој му е адвокат и на Стојановиќ, ќе докажува дека Димитровска испраќала јавно објавени документи, а не службени тајни.
„Оставката е нејзин личен чин поради самата постапка и не значи дека таа ја признава вината, бидејќи од она што можев да го видам, но и од самите докази, обвинението поднесено против неа е проблематично во неколку точки, бидејќи ѝ се става на товар дело „оддавање на службена тајна“, а во конкретниот случај споделени се информации кои биле предмет на оценка на ДКСК во 2022 и 2023 кои одлуки се јавно достапни до јавноста на веб страната на комисијата“, вели Владимир Туфегџиќ, адвокат на Татјана Димитровска.
Во однос на обвинението за компјутерскиот фалисификат дека му ги дала шифрите и логовите на ревизорот Столевски кој во нејзино име го положил тестот за сертификат „државна тајна“, Туфегџиќ вели сè уште не ги видел доказите.
„Тестовниот дел на постапката е од формален карактер, но суштинскиот дел е во надлежност на АНБ, бидејќи од проверките што ги врши АНБ, основот на одлуките кој го исполнува или не за безбедносен сертификат е на АНБ“, дополнува Туфегџиќ.
Обвинителството му предложи на судот да го спои предметот против Димитровска и уште тројца други со предметот „Адитив“. Според Туфегџиќ, тоа е нецелисходно и неекономично, но и дека новото обвинение не е поврзано со предметот кој е веќе во судска постапка и ќе бара раздвојување на постапката.
Дел од доказите против Димитровска, обвинителството ги најде во телефонот на Стојаниќ, а дел потоа во нејзиниот телефон. Според обвинението, Димитровска преку Вибер и ВатсАп му давала податоци за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите во предметот „Адитив“, службени белешки, кој од членовите на ДКСК ги работел предметите, какви биле одлуките, но и податоци за проверка на имот на обвинетиот и на неговото семејство.
Димитровска и ревизорот Столевски ги вратија сертификатите, а Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации го има конечниот збор.
Елена Ивановска Мукоска
