Вториот Протокол од Договорот за добрососедство со Бугарија доставен до Уставниот суд на Македонија. Иницијативата на преиспитување на уставноста на документот поднесена од Лилјана Поповска поранешна пратеничка, од Уставниот суд за Телма потврдуваат дека ја примиле утрово.
Поповска за Телма вели дека иницијативата ја поднела бидејќи документот е вграден во целиот пакт на земјата за интеграција во ЕУ, а кој поставува невозможни и штетни барања за исполнување, кои доколку се исполнат би предизвикале поништување на македонскиот јазик, држава идентитет.
„Сметам дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Собранието, туку само записник од состанок и има, најмалку, седум правни прекршувања. Прво не е почитувана процедурата за негово договарање, усвојување од страна на владата и потпишување. Второ не е ратификуван во Собранието, трето не е објавен во Службен весник. Четврто несоодветна му е формата и содржината, спротивно на многу уставни и законски одредби. Петто излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува само еден член од договор меѓу две земји, дури излегува надвор од рамката на самиот Договор за пријателство“, вели Лилјана Поповска, поранешна пратеничка за Телма.
Според Поповска Протоколот е спротивен и на три члена од Уставот, меѓу кои и Членот 8 во делот за основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право.
Поповска смета дека доколку Уставниот суд го поништи вториот Протокол од Договорот со Бугарија, тој може да биде повлечен од меѓународна процедура и постапка со повикување на Виенската конвенција поради прекршување на општото меѓународно право, како и за неможност за исполнување на Договор.
„При земање в предвид на сите овие аргументи од страна на Уставниот суд и прогласување на ништовност, би требало да се извести бугарската страна за состојбата и понатаму да се поведе постапка за еден нов правилен, правно-валиден Протокол за спроведување на Договорот за пријателство“, смета таа.
Поповска за тоа дека Владата има надлежност за носење на документи кои се меѓународно валидни, е на став дека таквата процедура за вториот Протокол од договорот со Бугарија не била испочитувана.
„Владата има право да носи, меѓутоа овде е потпишан министерот. Не успеавме да најдеме формална одлука со којашто му дава овластување за сите тие поместувања на црвените линии. Не ни е видно, досега во овој момент, да има таква комуникација, официјална комуникација, зборувам помеѓу Владата и Министерството за надворешни работи“, вели Поповска.
Но и да имало таква комуникација, според неа, Документот не е објавен во Службен весник и не поминал ратификација во Собранието, што според Поповска, се уставни обврски.
Тамара Грнчароска
