Вести Македонија Најважни

Огнената стихија во Преспа, во близина на Езерани и Перово ставена под контрола – пожарот најверојатно бил подметнат

Пожарот што попладнево избувна во Преспа, во близина на Паркот на природата Езерани и селото Перово, е ставен под контрола.

Неколку часа траеше битката со огнената стихија во која учествуваа пожарникари, ренџери и месното население, обидувајќи се да го спасат селото Перово, бидејќи огнот се доближи до куќите.

Откако стана јасно дека огнот не може да се изгасне  од земја, беше побарана воздушна поддршка. Жителите велат дека едвај се спасиле.

Ако не беа пожарникарите, целото село ќе изгореше. Сега е намален пожарот, се гасне со четворица пожарникари и авионска поддршка – велат мештаните на Перово.

Два ер-трактора повеќе од два часа полнеа вода од Преспанското Езеро и ја истураа врз огнот кој се рашири на неколку километри долж брегот.

Пожарот премина и на другата страна од патот кон Отешево, па сообраќајот беше кратко време запрен од страна на полицијата.

Огнот пеплоса голем број овоштарници и земјоделски површини.

Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите и локалното население, пожарот беше успорен, но одлучувачки удар му зададоа ер-тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување. За жал, изгореа големи површини овоштарници. Пожарот е ставен под контрола – изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.

Од ТППЕ Ресен се соменваат  дека пожарот е подметнат, како и претходните седум што изминатава недела избувнаа во паркот „Езерани“.

– Пожарот е подметнат. Истото се случи и пред неколку дена во паркот Езерани. Видовме човек како го потпалуваше, но не успеавме да го фатиме, влезе во трските и избега. Ова е резултат на човечки фактор, рече Муталип Таировски, командир на Територијалната противпожарна единица од Ресен.

Ренџерите од паркот Езерани и пожарникарите денеска успеаја да го спречат огнот да навлезе подлабоко во заштитеното подрачје, каде што изминатите денови веќе изгореа над 500 хектари трска, шума, ливади, живеалишта на птици. Освен материјалната штета, предизвикана е и ненадоместлива загуба на ова природно богатство. Штетите од денешниот пожар дополнително ќе се проценуваат.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон пратениците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе