Вести Најважни Свет

Очај и „масовен глад“ во Појасот Газа- „Ниту камен, ниту дрво, ниту човечко суштество не е поштедено во Газа“, велат реселените

Ретките амбулантни возила ги собираат изнемоштените и прегладнети деца од Појасот Газа, до каде не можат да стигнат камионите со хуманитарнa помош. Ранетите пак до болниците се транспортираат и со автомобили. „Ниту камен, ниту дрво, ниту човечко суштество не е поштедено овде“, вели Мухамед Исам, раселено лице од север, кој на грбот ја носи вреќа брашно, како што вели „покриена со крв и смрт“, која преку граничниот премин Зиким пристигна во Рашид.

  • „Вие, преговарачот што седите во Катар и Турција, за што преговарате? Луѓе умираат во Газа. Немаме никој што остана во Газа. Сите сме мртви. Одиме да умреме за да донесеме храна, а вие седите на вашиот стол и јадете во Катар. За што преговарате? 800 километри? Ќе се вратат и ќе ви ги земат без ваша согласност, или затвореници што ќе ги ослободите како лудаци и ќе се вратат да ги убијат или уапсат? За што преговарате? Не ве интересираат луѓето, крвта, татковината или жените. Ниту камен, дрво или човечко суштество не е поштедено во Газа. За што преговарате? Вреќа брашно покриена со крв и смрт. Еве ги во Зиким, мачениците, распарчени, прегазени од камиони. Возачот на камионот е учесник во злосторството, со наредба да прегази луѓе и да си оди. Колку долго ќе продолжи ова понижување? Доста“, вели Мухамед Исам, раселено лице од север.

Исам е еден од ретките кои успеаја да добијат храна, многумина раселени лица се вратија со празни раце, пред нив е со километри долг пат до кампот.

Младата Иман Шабат вели дека после еден месец ќе им однесе брашно на нејзините деца. Пред очите на прегладнетите Палестинци се случуваат убиства, велат „ако не умреме од Евреите, ќе умреме од глад“.

  • „Мојот сопруг патува на лекување, а јас имам пет деца. Умираме од глад. Нема храна. Моите деца не јаделе брашно еден месец, па морав да излезам и да го донесам. Има пукање и смрт, но морам да дојдам затоа што моите деца се гладни“ – Иман Шабат, раселена жена.

  • „Речиси 17 дена не сум јадел брашно, сè додека не стигнавме до оваа точка. Стигнавме до ѕидот, до резервоарот. Ја видовме смртта со свои очи, за да можат арапските владетели да видат што правиме. Се колнам дека четири лица беа убиени пред мене“ – вели еден од раселените.
  • „Залак натопен во крв. Тие оживуваат и се враќаат мртви. Бог ни е доволен. Каде се арапските земји да застанат со нас? Умираме од глад. Ако не умреме од Евреите, ќе умреме од глад, луѓе. Смилувај ни се, боже“ – Итимад Ајеше, раселена жена.

Очајот расте на територијата со повеќе од два милиони жители, за која експертите велат дека е во опасност од глад поради израелската блокада и речиси двегодишната офанзива. Повеќе од 100 хуманитарни организации предупредуваат дека „масовен глад“ се шири низ Газа. Тие го обвинуваат Израел за „опсада“ и велат дека Израел не дозволува дистрибуција на храна во Газа. „Сведочиме на тоа како и наши колеги пропаѓаат таму“, велат тие.

Министерството за здравство во Газа, управувано од Хамас, соопшти дека 33 луѓе починале од неухранетост за 48 часа. Израел – кој ги контролира сите гранични премини во Газа – вчера соопшти дека „моментално во Газа се чека помошта од 950 камиони, која  меѓународните организации ќе ја дистрибуираат“.

Во израелските воздушни напади утринава убиени се најмалку 17 Палестинци, меѓу нив четири деца и едно бебе, осум од убиените се членови на едно семејство.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон пратениците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе