Вести Македонија Најважни

Одобрено обвинението за економското работење на онкологија и за двајцата екс директори Васев и Нухи

Кривичниот суд го одобри обвинителниот акт за економското работење на Клиниката за радиотерапија и онкологија, а обвинети се поранешните директори, медицинскиот Нино Васев и организацискиот Нахад Нухи. Се гонат за повеќе кривични дела,  злоупотреба, измама и проневера во службата во периодот од 2018 до 2022 година.

Обвинетите набавувале лекови на реверс без да постои валиден правен основ, потоа за да го прикријат тоа спроведувале тендери кои биле беспредметни, бидејќи добавувачите на лекови во рамки на добиените јавни набавки ги фактурирале претходно дадените лекови на реверс.

Васев помогнат од Нухи преку тендерите набавил и количина на лекови која имал намера да ја присвои, па откако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, истиот не им ги давал на пациентите. Со тоа се направило разлика од количината на лекови за пациенти со раздолжените лекови од околу 32 и пол илјади евра.

Истрагата на обвинителството утврдило дека ова се случувало кај 9 болни со канцер кои всушност само на хартија добивале дел од лековите. Фиктивно биле раздолжувани пет различни лекови.Каде завршувал вишокот теарпија истрагата не утврдила.

Дополнително, Васев си присвоил дел од лековите за кои бил одговорен неговиот колега Нухи и кои клиниката требало да ги има на залиха. Станува збор за вијали и таблети од вкупно девет лека. Со тоа за себе прибавил имотна корист од најмалку 211 илјади евра.

Според обвинението со незаконска набавка на лекови екс директорите го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра. Се товарат и дека го довеле во заблуда ФЗО да врши незаконска исплата и дека им овозможиле корист на добавувачите од околу 7 милиони евра.

Инаку ова обвинението заедно со уште едно за несовесно лекување болни и тешки дела против здравјето на луѓето на Клиниката за радиотерапија и онкологија беа поднесени на 22 мај. И тука меѓу обвинетите е екс директорот Васев заедно со тројца доктори, онколози. На 11 месецов требаше да започне судењето, но само Васев и двајца доктори Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски седнаа на обвинителна клупа. Рочиштето се одложи поради отсуство на  обвинетата, докторката Мери Пешевска. Обвинети се дека несоодветно лекувале 29 болни од рак со што им се влошувало здравјето. Други онколошки пациенти пак добивале од скапата биолошка терапија во палијативна фаза, односно пред непсоредна смрт, кога воопшто лековите не можеле да им бидат од помош.

Одбраната на дел од обвинетите го спореше медицинското вештачење во Словенија, со кое се утврди лошиот медицински третман на пациентите со една од најтешките болести, бидејќи судскиот вештак кој го извршил не бил запишан во регистарот на земјата. Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска изјави дека приговорите на одбраната се беспредметни и очекува судот да не ги прифати нивните тврдењата. А одбраната најави и свои вештачења.

Марија Митевска

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон пратениците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе