Родителите на загинатите деца во трагичниот пожар во дискотеката „ПУЛС“ – Кочани, јавно се огласија преку социјалните мрежи, споделувајќи шокантни детали од средбата со премиерот Христијан Мицкоски, која се одржа во понеделник во Владата на Република Македонија. Велат дека средбата била свикана на иницијатива од Владата, откако тие на 1 јули испратиле официјално барање до државниот врв – премиерот, претседателката и претседателот на Собранието. И покрај нивната молба средбата да се одржи во Кочани, местото на трагедијата, од кабинетот на премиерот им било соопштено дека безбедносните причини не дозволуваат тој да патува, па состанокот мора да се одржи во Скопје. На состанокот, очекувавме сочувство и човечки пристап, но бевме дочекани со неразбирање и навредливи коментари. Премиерот, според неговите зборови, дури тогаш го видел нашето барање, иако уште на 3 јули ни беше потврдено дека е примено и разгледано. Особено болен и понижувачки беше неговиот одговор на барањето за парична помош: „Одредете си цена за вашите деца“. Тие зборови не беа само навреда, туку газење врз болката и достоинството на секој родител, се вели во нивната реакција објавена на нивната страна на Фејсбук.


Влада: Не се точни наводите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија
