Вести Македонија Најважни

Вода има само ноќе – болниците и граѓаните на мака

Болницата за белодробни заболувања кај децата во Козле од денес е целосно без вода. Среде летните горештини, кога потребата е зголемена, работат со цистерна, откако изминатите денови имале само слаб притисок.

„Веднаш испратија цистерна и целиот ден додека нема вода ќе имаме цистерни со техничка вода. Скоро сите лабараториски анализи кои ни се неопходни и побрзи работат и без вода. Единствено не можеме да земаме венска крв затоа што тие анализи се поврзани со дотокот на вода“, изјави Катерина Бошковска, директорка на Клиника за респираторни заболувања Козле.

Но, не само болницата. Жители од високите зони во повеќе скопски населби остануваат без вода за пиење со часови. Велат дека чешмите се суви речиси цел ден, а вода добиваат дури по полноќ – по 3 часот – кога вклучуваат машини и се обидуваат да се избањаат.

„Имаме проблем со водоснабдувањето. Веќе шести ден немаме вода. Само во ноќните часови ни пуштаат по неколку часа вода и толку“, вели жителка.

„Сега е лето, температурите се многу високи можеме да добиеме зараза“, стравува друга жителка.

„Не може по толку време да немаме вода. Еве нека прават рестрикции низ цело Скопје. Вака не може да биде ќе се усмрдиме“, смета жителка.

Проблемот, според експертите, лежи во претераната и неконтролирана урбанизација.

„Неконтролираната урбанизација, неводење сметка за системот кој го имаме, дивите приклучоци и недостатокот на инженерски кадар доведе до ова, да не можеме да живееме цивилизирано, односно онака како што доликува на ова денешно време“, изјави Горан Марковски, декан на Градежен факултет.

Од Водовод пак апелираат граѓаните да штедат, особено во време на екстремни горештини и зголемена потрошувачка.

Министерот за локална самоуправа ја лоцира одговорноста кај Град Скопје, но признава – има и технички проблеми.

„Ова е кулминација од сите оние наталожени проблеми кои го тиштат град Скопје изминативе неколку години“, смета Златко Перински, министер за локална самоуправа. 

Додека институциите повикуваат на трпение и штедење, граѓаните велат – трпението одамна се истрошило.

А, бројките се зашеметувачки. Во време кога се апелира на рационално користење на водата, од Водовод велат дека се трошат по 700 литри по глава на жител дневно.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон пратениците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе